Во Грција се случи незамисливото: Регистриран е Центар за македонски јазик

Главната задача на Центарот ќе биде изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција. Заев упати честитка, вели, тоа се плодовите на Преспа


 

Во Грција се случи извонреден настан за афирмацијата на македонскиот јазик што само пре деноколку години изгледаше речиси невозможен. Беше судски регистриран Центар за македонскиот јазик во Грција, што е еден од плодовите на Преспанскиот договор, новото разбирање меѓу двете земји и олабавување на стереотипите и прерасудите на на грчките државни институции.

Веста дека судски е регистриран Центарот за македонски јазик во Грција ја објави самата организација. Центарот е регистриран како невладина организација во Лерин.

Овој историски настан за македонскиот јазик во Грција започнува со барањето за регистрација на организацијата, кое беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година. Одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.

Последните административни работи поврзани со регистрацијата беа завршени минатата недела, при што судот официјално го одобри и статутот на организацијата. Центарот за македонски јазик во Грција упатува јавна благодарност до адвокатот Кирос Спондис, за успешното окончување на целата постапка околу регистрацијата и впишувањето на организација во судскиот регистар на невладини организации.

Поранешниот премиер Зоран Заев испрати честитка преку Фејсбук по повод основањето на Центарот за македонски јазик и на сите граѓани на Македонија и Грција кои, како што нагласува, се радуваат на овој убав чин кој е особено важен како уште една потврда за блиските релации меѓу двете земји.

„Еве ги плодовите од Преспа, ни носат радост на сите кои зборуваме македонски јазик, на сите Македонци. Им честитам на основачите на Центарот за македонски јазик во Грција и на сите граѓани на Северна Македонија и Грција кои се радуваат на овој убав чин кој е особено важен како уште една потврда за блиските релации меѓу двете земји.

Им благодарам и на поранешниот и на сегашниот премиер, Ципрас и Мицотакис, за вербата и посветеноста во градењето искрено пријателство и добрососедство“, наведува во објавата Зоран Заев.

Станува збор за прва невладина организација во Грција која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција.

Воедно, значаен е и фактот што судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик – при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо.

Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година, кога ќе потсетиме дека македонскиот јазик беше наведен како јазик што го зборува дел од населението во одредени региони.

Центарот за македонски јазик во Грција преку веб страницата  www.makedonski.gr во наредниот период ќе се насочи кон исполнување на своите цели од статутот, кои предвидуваат:

– изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција, преку интернет-страница.

– поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и средни) и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија.

– поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.

„Ги повикуваме сите говорители на македонскиот јазик и неговите богати дијалекти во Грција, како и сите демократски ориентирани граѓани во државата, да ни се придружат во нашите напори за постигнување на соодветно и официјално признавање, кое сите ние го заслужуваме“, соопштуваат од Центарот на македонскиот јазик во Грција.