Во Грција потврден 21 случај на вирусот Западен Нил
Атина – Во Грција е регистриран вкупно 21 случај на вирусот Западен Нил, од кои 14 се потврдени во текот на минатата седмица, согласно податоците од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
Кај 20 случаи има симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна блага парализа) и 13 од нив се хоспитализирани, а еден случај е со умерени или без симптоми поврзани со централниот нервен систем.
Повеќето од случаите (вкупно 19) се регистрираните во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите два во регионот Тесалија.
Првиот случај на инфекција за оваа сезона во Грција беше регистрирани на почетокот на месецов.
Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во Грција во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.
Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51.
Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица.