Во Гевгелија наврнаа 40 литри дожд на метар квадратен, најмалку во Берово и Охрид


Фото: Б. Грданоски

Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнал во Гевгелија каде се измерени 40 l/m2, потоа 30 во Пожар-Радовиш, 26 во Струмица, 18 во Штип и Демир Капија, 17 во Куманово, 16 во Пожаране, 15 во Крушево и Попова Шапка, 13 во Тополчани, 12 во Прилеп, Претор и  Маврови Анови, 9 Битола и Велес, 8 во Скопје-Петровец, 5 во Крива Паланка и Кавадарци, 4 во Виница, 3 во Лазарополе и 2 l/m2 во Берово и Охрид.

Од Управата за хидрометеоролошки работи напоменуваат дека дадените вредности за количината на врнежи се измерени на нивните дождомерни места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената.

Времето денеска променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне, особено во источните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2). Дневната температура ќе биде во интервал од 12 до 18 степени.

Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе достигне до 16 степени.