Во фабрика во Кавадарци загинал работник од Кина, јавен обвинител покрена истрага

Триесет и осумгодишен работник од Кина загинал во фабрика во Кавадарци. МВР во дневниот билтен соопшти дека вчера (10 септември) во 12:10 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека кинескиот државјанин Г.Х.(38), додека извршувал работни задачи во фабрика во Кавадарци, бил удрен од кран и од здобиените повреди починал на местото.
Лекар од Итна медицинска помош Кавадарци констатирал смрт, а увид на местото извршил јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Кавадарци. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
Државното јавно обвинителство соопшти дека според првичните сознанија, Г.Х. пристигнал во земјава кон крајот на август.
-Но, постојат сомненија дека иако се уште не му бил регулиран престојот и работниот однос, сепак веќе бил ангажиран на извршување работни задачи во фабриката. Бил притиснат од кран на висока платформа и му биле нанесени тешки телесни повреди од кои починал. Јавниот обвинител издаде повеќе наредби со цел да испита евентуални тешки дела против општата сигурност. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, прибавена е целокупната документација за изведувањето на работите, а ќе се врши машинско вештачење на кранот и испитување на почитувањето на прописите од областа на заштитата при работа, информира ЈОРСМ.
Во полицискиот билтен МВР соопшти и за загинат работник во фабрика во Делчево. Околу 11 часот вчера во ОВР Делчево било пријавено дека во фабрика во Делчево, при извршување работни задачи, вработениот В.Р.(30) од Делчево паднал од висина од околу три метри и се здобил со тешки телесни повреди.
-Од здобиените повреди, на пат кон Клиничка болница Штип, тој починал во возилото на Итна медицинска помош. Увид извршила екипа на ОВР Делчево, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција, соопшти МВР.