Во ЕУ е забрането да се простува долгот на земјите членки


Eвропската комисија потврди дека стои зад изјавата на претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард,  дадена викендов дека откажување на долговите на земјите членки на ЕУ е “забрането“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Лагард  реагираше на отвореното писмо потпишано од стотина угледни економисти кои бараат ЕБЦ да укине дел од долгот на државите поради кризата со Ковид-19.

Лагард изјави дека ова е “забрането“, согласно Повелбите на ЕУ.

Европската комисија денеска потврди дека стои зад ставот на шефицата на Европската централна банка.

-Претседателката беше многу јасна на оваа тема и во минатото во Европскиот парламент и викендов и разјасни дека откажувањето на долгот е забрането во ЕУ, меѓу другото во членот 123 на Повелбата на ЕУ, изјавија портпаролите на Комисијата.