Во друштвата за управување со инвестициски фондови и во брокерските куќи кај нас нема руски капитал


Ескалацијата на руско-украинскиот конфликт и предизвиците кои овие случувања ги наметнаа пред се, на енергетски план, генерално гледано доведоа до првични негативни рефлексии врз тргувањето на Берзата, проследено со одраз на цените на акциите, кои се движеа од првичен и еднократен пад од 8,39 отсто на МБИ 10 на берзанскиот ден кога започнаа воените дејствија, се до нормализирано и вообичаено тргување, без каков било драматичен предзнак, оцени претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ) Нора Алити.

-На првиот ден од конфликтот – 24 февруари ја забележавме негативната корекција на цените на акциите на светските пазари на капитал, неисклучувајќи ја тука и оваа состојба на Македонската берза кога берзата привремено го прекина тргувањето на сите хартии од вредност од 30 минути, предизвикано од надолната корекција на индексот. По кусото „ладење“ од ценовниот притисок се продолжи со редовното тргување, рече Алити во интервју за порталот Пари.

Важно е да се напомене, додаде, дека во друштвата за управување со отворени и затворени инвестициски фондови и во брокерските куќи кои работат во државата нема руски капитал, односно нема акционери кои имаат потекло од Русија. Од друга страна, пак, не е исклучено еден дел од котираните компании кои директно и/или индиректно се изложени да ги чувствуваат последиците од пазарните нарушувања и инфлаторните движења предизвикани од воениот конфликт, да бидат пропратени и со соодветни пазарни реакции и ценовни осцилации на нивните хартии од вредност.

-Се очекува дека оваа тема ќе продолжи да доминира на пазарот на хартии од вредност зависно од развојот, времетраењето и од економските последици на овој гео-политички воен настан, па би сакала да порачам дека КХВ поради претпазливост, а не поради паника ќе продолжи будно и со внимание да ги следи и анализира пазарните состојби и доколку е потребно да ги презема сите неопходни мерки за негово нормално и тековно функционирање согласно своите законски надлежности, посочи Алити.

Според неа, нето вредноста на отворените инвестициски фондови заклучно со 28 февруари годинава изнесува 185 милиони евра (11.336.888.457 денари) што претставува намалување од 2,4 отсто во однос на јануари.

-Од последно расположливите податоци за февруари, приливите во отворените фондови се стабилни и изнесуваат 1,55 милијарди денари што претставува мал пад во споредба со јануари од 2,08 отсто. Одливите за истиот месец изнесуваат 1,51 милијарда денари и се благо зголемени за 7,34 отсто во однос на јануари. Сепак, ова се стандардни месечни динамики во работењето на отворените фондови и не се забележуваат позначителни отстапувања, нагласува Алити.

Согласно податоците за февруари, посочува, вредноста на вложувањата во хартии од вредност – акции и обврзници издадени од руски компании изнесуваат околу 1,5 милиони евра (86,6 милиони денари), односно учествуваат со незначителни 0,76 отсто во вкупната нето вредност на сите отворени инвестициски фондови.

-Но, во споредба со јануари иако учеството исто беше минимално, односно 1,17 отсто од вкупната нето вредност на сите фондови, вредноста на тие вложувања била околу 2 милиони евра што е пад од 35 отсто. Намалувањето се должи пред се на драстичниот пад на вредноста на хартиите од вредност на руските компании, но и на фактот дека не се тргува со овие акции. Сепак, треба да се има предвид дека вложувањата на домашните отворени инвестициски фондови се во високо профитабилни руски компании од секторите на енергетика и благородни метали, прецизира Алити.

Нагласува дека ова сепак е првична слика за краткорочните ефекти од руско-украинскиот конфликт. Дополнително, порачува Алити, параметрите на фондовите ќе зависат и од импактот врз глобалната економија ако се има предвид структурата на вложувања по дејности, географската изложеност и валутната структура на вложувањата.