Во Дебар семејства во социјален ризик има, но мал процент се јавиле за помош во општината


 Иако значителен дел од населението во општина Дебар се соочува со социјални проблеми, во текот на изминатата година многу мал процент се обратиле до локалната власт да добијат средства од  општинската програма за социјална заштита, беше констатирано на седница на Советот на општината.

Малиот број барања, како што беше оценето, е поради тоа што  населението кое припаѓа на оваа категорија не е доволно информирано за оваа можност што ја дава локалната власт.

– Од вкупно планираните 400 илјади денари, реализирани се само 156 илјади. Недостасуваат барањата, па затоа има многу слаба реализација на планираните средства, рече кординаторот, Малиќ Диша, презентирајќи го Извештајот за реализација на Програмата од областа на социјалната заштита.

Така на пример, според него, за категоријата ученици од семејства со социјални проблеми биле планирани 120 илјади денари, а се реализирани само 13 илјади. За организација на активности за деца со посебни потреби планирани биле 62 илјади а не е реализиран ниту денар.

-Не се реализирани ни средствата предвидени како бонус за прво новороденче во новогодишната ноќ, бидејќи години на ред нема новородено во гинеколошко одделение во Дебар. Овие средства, според програмата, се исплаќаат само доколку бебето е родено тука а не во болници во други градови, рече Диша.

Врз основа на програмата, помош, одреден корисник може да оствари само еднаш во текот на календарската година.

Советниците, но и градоначалникот Хекуран Дука се заложија за поголема активност во правец на соодветно информирање на населението кое е во потреба од помош.

Инаку, според податоците на  Меѓуопштинскиот центарот за социјална работа  , кој со својата активност ги покрива општините Дебар и Центар Жупа,  правото на загарантирана минимална помош остваруваат 780 корисници, од нив над 80 отсто  од општина Дебар.