Во Црна Гора спасени 14 лица заглавени во снег – дел се од Бангладеш и од Русија
Во успешна операција координирана преку Оперативно-комуникацискиот центар 112, во соработка со службите за заштита и спасување во Никшиќ и Жабљак, во неделата во три операции беа спасени 14 лица кои беа заглавени во снегот, соопшти Министерството за внатрешни работи на Црна Гора.
„На територијата на општина Жабљак се спасени седум државјани на Бангладеш и двајца државјани на Руската Федерација, а во областа Крново се спасени петмина црногорски државјани. Заглавените лица се лоцирани преку системот 112 Оперативен центар за комуникации и испратени се информации до службите, а благодарение на брзата реакција на Службата за заштита и спасување сите се безбедно евакуирани“, соопшти МВР.
Во Улцињ, покрај снег, вчера се забележани и најсилни удари на урагани од над 100 километри на час, додека во Подгорица дувал ветер со интензитет од 95 до 100 километри на час. Низ цела Црна Гора за време на викендот паѓаа дрвја и фасади во неколку градови.
Службата за заштита и спасување на главниот град денеска апелира до граѓаните максимално да избегнуваат да ги напуштаат домовите додека трае силниот ветер.
Метеоролошкиот центар соопшти дека во текот на утрешниот ден се очекува постепено намалување на јачината на ветерот.