Во Бугарија врие од руски компании и нивниот број расте


Бројот на компании со над 40% руско учество во Бугарија е значително зголемен во последните месеци. Ова се знае од извештајот подготвен по барање на пратеникот од „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ Мартин Димитров од Министерството за правда, пишува „Сега“.

Од 3 јануари има речиси 13.000 компании со значително руско учество, иако Путин ја прогласи Бугарија за непријателска земја, бидејќи таа беше една од оние земји кои ја осудија руската агресија врз Украина.

Во септември, како одговор на слично прашање, в.д. министерка за правда Марија Павлова објави дека има околу 12.000 компании со над 40% руско учество, што значи дека за само 4 месеци бројот се зголемил за околу 1.000.

Во септември, Мудис идентификуваше 46.000 компании во ЕУ во кои над 40 отсто се во сопственост на руски компании или руски поединци, при што секоја петта таква компанија е во Бугарија.