Во БиХ свечено отворен импозантниот мост Херцеговина


Вечерва беше отворен импозантниот мост Херцеговина, долг помалку од еден километар, на автопатот Vc, недалеку од Чапљина.

Лентата ја пресекоа премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ и министерката за транспорт и врски, Андријана Катиќ, по што следеше огномет на мостот.

Новите единаесет километри од автопатот, кој го опфаќа и мостот на Неретва кај градот Почитеља, е дел од автопатот на коридорот Vc. Се поврзува со хрватскиот автопат А1 преку кракот за пристаништето Плоче.

Претседавачот на Советот на министри, Борјана Кришто, отворањето на мостот го оцени како историски настан за Босна и Херцеговина.

„Овој мост има единствена намена, тој е клучна точка во транспортното поврзување на Босна и Херцеговина со ЕУ“, рече Кришто.

Никшиќ оцени дека новата влада направила важен чекор напред во динамизирање на изградбата на транспортната инфраструктура. Тој му се заблагодари на хрватскиот премиер за поддршката за отворање на преговорите со ЕУ.

Мостот Херцеговина е долг 980 метри и висок помалку од 100 метри. За неговата изградба беа издвоени нешто повеќе од 100 милиони евра.

Хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ Андреј Пленковиќ, кој е во дводневна посета на Босна и Херцеговина, попладнето присуствуваше на седницата на Претседателството на Босна и Херцеговина. Во текот на денот тој во Сараево имаше повеќе средби со водечки државни функционери, а за четврток се предвидени средби со лидерот на ХНС на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ и обиколка на повеќе значајни институции.