Во Белград до смрт претепан братот на потпретседателот на Владата на БиХ
По тепачка во детски парк во Вождовац, почина маж Ѓ.М.(40), за кој српските медиуми јавуваат дека е брат на потпретседателот на Владата на федерацијата Босна и Херцеговина, Војин Мијатовиќ.
Како што пренесуваат медиумите, синот на Ѓ.М. вчера се пожалил дека неколкумина млади го малтретирале во паркот. Несреќниот татко отишол кај нив, но бидејќи долго време не се вратил, жената тргнала да го бара. Го затекнала во ходникот на зградата во тешка состојба.
Во тешка состојба бил примен во болница, каде набргу починал.
Ѓ.М. е помлад брат на потпретседателот на Владата на ФБиХ и сојузен министер Војин Мијатовиќ.
Припадниците на МВР во Белград интензивно работат на пронаоѓање на две засега непознати лица, кои се осомничени дека претепале четириесетгодишен маж, кој починал во Ургентниот центар.
Веднаш по пријавата, вчера во 18 часот и 20 минути, дека две лица претепале 40-годишен маж во парк во Вождовац, полицијата излегла на местото на настанот, соопшти полицијата.
Припадниците на полицијата интензивно работат на утврдување на сите факти и околности, како и на пронаоѓање на осомничени.
Телото е пренесено во Институтот за судска медицина за обдукција.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ за „Блиц“ изјави дека се утврдуваат фактите за случајот.
„Се утврдуваат фактите како настапила смртта. Мора да се изврши обдукција. Полицијата синоќа околу 18-19 часот добила повик дека имало тепачка и отишле на таа адреса во општина Вождовац каде ги нашле повредените“, рече Дачиќ.
„Таткото излегол, настанала гужва и кога жената излегла дознала дека имал конфликт со две млади момчиња. Тој бил пренесен во Ургентниот центар, каде што починал. Се утврдуваат причините за смртта“, истакна тој.
Мијатовиќ: Патувај на поубаво место брат мој, сѐ што би рекол нема смисла
Потпретседателот на СДП и сојузен министер за развој, претприемништво и занаетчиство Војин Мијатовиќ зборуваше за убиството на неговиот помлад брат вчера во Белград.
„Патувај мој брате на поубаво место. Мојот помал брат беше убиен вчера во Белград. Сѐ што би рекол сега нема смисла, бидејќи тоа што се случи сигурно нема смисла“, напиша Мијатовиќ покрај објавената фотографија на неговиот брат.
Тој додаде дека настаните како овој се, за жал, составен дел од играта наречена живот.
„Добри мои луѓе, ви благодарам на сите што реагирате, грижете се за себе и за луѓето околу вас“, рече Мијатовиќ.
Неговиот брат вчера беше претепан до смрт на детско игралиште.