Во август издадени за 50 проценти повеќе одобренија за градба, вредноста на објектите повисока за скоро 100 отсто


Во август се издадени 276 одобренија за градба што е за 50 проценти повеќе во споредба со истиот месец лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

Предвидената вредност на објектите е 6.248.028 илјади денари што е за 96,9 проценти повеќе во однос на минатата година.

– Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во референтниот месец се издадени одобренија за градење на објекти од високоградба со поголеми вредности, конкретно резиденцијални објекти за домување во Општина Гази Баба, појаснуваат од Државниот завод за статистика.

Најголем дел од издадените одобренија или 147 се наменети за објекти од високоградба, 47 се за објекти од нискоградба и 80 одобренија се за реконструкција на објекти.

Кај 158 објекти како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 118 инвеститори се компании.

Во овој период предвидена е изградба на 1.582 стана со вкупна корисна површина од 110.541 м2.