Во албумот на Епштајн има 50 имиња. Покрај Трамп, тука е и Бил Клинтон


Џефри Епштајн и Доналд Трамп во Мар-а- Лаго во 1997

 

„Волстрит џорнал“ објави дека во албумот за роденден на осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн од 2003 година се наведени околу 50 имиња, вклучувајќи ги поранешниот американски претседател Бил Клинтон и сегашниот претседател Доналд Трамп.

Најголемото име во албумот за роденден во 2003 година, составен за Џефри Епштајн од неговата тогашна партнерка Гилејн Максвел, не беше некој што ќе стане претседател, туку поранешниот Бил Клинтон.

Според извори запознаени со проектот, Максвел била исклучително инсистирачка Клинтон и другите познати личности да пишуваат лични писма и срдечни честитки за раскошниот подарок што се подготвувал за 50-тиот роденден на Епштајн. На крајот, таа успеала.

Албумот со кожен повез, направен пред првото апсење на Епштајн во 2006 година, содржел рачно напишана белешка од Клинтон: „Некако е утешно, нели – да се трае толку долго, низ сите години учење, сознанија, авантури, а сепак да се задржи детската љубопитност, желбата да се остави трага и утеха во пријателството“. Портпаролот на Бил Клинтон одби да коментира за писмото, но го упати „Волстрит џорнал“ на стара изјава од поранешниот претседател во која тој вели дека ги прекинал сите врски со Епштајн повеќе од една деценија пред неговото апсење во 2019 година и дека немал сознанија за неговите злосторства.

Клинтон беше еден од околу 50-те луѓе кои оставија пораки во тој роденденски албум, според документите што ги прегледал „Волстрит џорнал“. Меѓу нив се Доналд Трамп, инвеститорот Леон Блек, модната дизајнерка Вера Ванг, медиумскиот магнат Морт Цукерман и сопственикот на „Викторија сикрет“, Лесли Векснер.

Писмата беа поделени во категории – „Пријатели“, „Работа“, „Наука“, „Семејство“, „Бруклин“… Клинтон и Трамп беа во групата „Пријатели“, заедно со Блек, Цукерман, адвокатот Алан Дершовиц и Жан-Лук Брунел, агент за модели кој исто така беше обвинет за сексуално искористување на малолетнички.

Една од најимпресивните страници наводно била на Трамп, со неговиот потпис и цртеж на гола жена. Трамп тврди дека писмото е „лажно“ и поднесе тужба за клевета против новинарот и издавачот на „Волстрит џорнал“.

Содржината на некои писма беше побизарна и поексплицитна. Поранешниот извршен директор на „Мајкрософт“, Натан Мирволд, испратил слики од Африка, меѓу кои врескачки мајмун, лавови и зебри во парење и зебра со видливи гениталии. Неговата портпаролка вели дека Мирволд не се сеќава дека ја испратил пораката, но е познат како фотограф на диви животни.

Леон Блек напишал песна со рими и алузии на секс и „Старецот и морето“ од Хемингвеј: „Русокоси, црвени, бринети – географски распределени / Со оваа мрежа од риби, Џеф сега е ‘Старецот и морето’“. Тој потпишал: „Со љубов и бакнежи, Леон“.

Писмото на Векснер содржело цртеж од женски гради. Цукерман на шега тврдел дека Епштајн е роден во Лихтенштајн и имал сопруга и три деца. Вера Ванг му предложила на Епштајн да аплицира за „Ерген“ и да одат на шопинг. Ниту еден од нив не сакал да коментира за писмата.

Питер Манделсон, тогашен британски амбасадор во САД и политичар од Лабуристичката партија, го нарекол Епштајн свој „најдобар пријател“ и испратил слики од виски и тропски остров. Портпаролот одбил да коментира.

Трамп до Епштајн: Ти си најголем

Џефри Епштајн почина во затворска ќелија во 2019 година, чекајќи судење по обвинение за трговија со малолетнички. Во 2021 година, Гилејн Максвел беше прогласена за виновна за учество во таа криминална мрежа и осудена на 20 години затвор. Таа моментално се обидува да ја поништи пресудата и бара помош од Доналд Трамп.

Клинтон патувал со Епштајн четири пати со приватен авион и престојувал во неговиот дом во Њујорк барем еднаш. Сè, тврди канцеларијата на Клинтон, било дел од работата на Фондацијата „Клинтон“, со придружба од Тајната служба.

Трамп излегувал со Епштајн во 1990-тите и почетокот на 2000-тите. „Њујорк тајмс“ откри дека во 1997 година, Трамп напишал посвета во книга што му ја подарил на Епштајн: „На Џеф – ти си најголем!“ и потпишал.

Објавена е и фотографија од Трамп и Епштајн со музичарот Џејмс Браун. Не е познато каде е направена фотографијата, но во тоа време Браун често настапувал во Атлантик Сити, каде што Трамп го имаше казиното „Таџ Махал“.

Роденденскиот албум има неколку тома, содржи скенирани писма и слики и бил среден во книговезница во Њујорк. Максвел лично ја координирала подготовката и ангажирала асистенти. Некои од нив се сеќаваат дека ги виделе страниците на Клинтон и Трамп додека ги скенирале материјалите.

Бред Едвардс, адвокат кој ги застапува повеќе од 200 жртви на Епштајн, потврди дека повеќе од неговите клиенти се сеќаваат на постоењето на албумот. „Постоењето на книгата е факт“, изјави тој за MSNBC во средата.

Дигиталните копии од албумот биле прегледани и од американските обвинители кои со години ги истражуваат Епштајн и Максвел. Книгата сега е во наследството на Епштајн. Не е познато дали албумот ќе биде дел од новите процедури на американската администрација во врска со случајот Епштајн.