Во Албанија 58 заразени со нилска треска, ИЈЗ бара дезинсекција против комарци


Тирана – Бројот на заразени од западнонилска треска потврдени во лабораторијата на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) достигна 58 а во Институтот секојдневно пристигнуваат тестови кои се земаат од лица со симптоми на болеста.

-Од Институтот, каде пред три недели имаше зголемување на случаите на енцефалитис и менингитис, велат дека има намалување на бројот на заболени од овој проблем. Курбин, Фиер и Лушња се области каде има повеќе случаи на заразени со Нилска треска, но на ова подрачје веќе е направена дезинсекција против комарците кои ја пренесуваат болеста Нилска треска од заразени птици на луѓе, објавија албанските медиуми.

Институтот побара од сите општини во државата да извршат дезинсекција на териториите што ги администрираат.

-Од појавата на оваа болест, има пријавено три смртни случаи. Но, во 80% од случаите, оваа болест не покажува знаци, додека само 1% од засегнатите случаи може да покажат сериозни заболувања на нервниот систем како што се менингитис или енцефалитис, останатите покажуваат треска, главоболка, повраќање или симптоми на мускулна слабост слични на оние на грип, наведуваат медиумите.

Додаваат дека дезинсекцијата е процес кој треба да започне во февруари кога комарците се уште се ларви и констатираат дека во „земјата оваа активност никогаш не започнува навреме, бидејќи во најдобар случај тендерите пропаѓаат и како оправдување оваа активност започнува доцна или воопшто не се спроведува“