Во 2022 година речиси секој петти Македонец бил сиромашен

Во 2022 година, стапката на сиромашни лица во Македонија била 22,9 отсто, покажаа дефинитивните податоци за Лаекенските индикатори за сиромаштијата, кои ДЗС ги пресметал врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија.
Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2022 година била највисока, односно 27,2 отсто.
Она што загрижува е фактот дека и покрај тоа што имале работа, стапката на сиромашни вработени лица била 8,9 отсто, додека стапката на сиромашни пензионери била 9,9 отсто. Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) е 29,8 отсто, покажа истражувањето на ДЗС.
-Пред три години, прагот на сиромаштија за едно самечко домаќинство, бил со годишен еквивалентен приход од речиси 130 илјади денари, додека едно четиричлено домаќинство со двајца возрасни и две деца помали од 14 години), со годишен од над 272 илјади денари, се третирало како сиромашно. Дури 41,6 отсто од населението било сиромашно пред да добие социјална помош или пензија – објави ДЗС.
Жените (22,6 отсто биле посиромашни од мажите (23,1 отсто), а како најзагрозени се сметаат оние во групата од 0 до 17 години, бидејќи не остварувале никакви приходи. Воопшто најподложни на сиромаштија биле самохраните родителие со издржувани деца – 51,8 отсто.
-Стапка на сиромаштијата со вклучени пензии е најдрастична и таа изнесува дури 26,5 отсто од населението – покажува анализата на ДЗС за сиромаштијата во 2022 година.