ВМРО-ДПМНЕ со пет амандмани против енергетската криза, СДСМ тврди дека има средства за решавање на проблемот


Буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента. Обезбедува редовна исплата на плати и пензии, го следи правилото на јавните финансии и значително ги крати непродуктивните трошења, истакнаа пратениците од СДСМ во врска со Предлог-буџетот за 2022 година.

Како што рече Диме Велковски од СДСМ, има средства и за решавање на енергетската криза.

-За ова политичките партии најмалку треба да зборуваат зашто од осамостојувањето на државата до денес немаат ништо направено, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, рече пратеникот од СДСМ, осврнувајќи се на Предлог-буџетот за 2022 година. Во 1988 година е изграден последниот енергетски објект – РЕК Битола. Се увезуваше струја и пред седум и пред осум и пред десет години и затоа, некоректни се обвинувањата од опозициските колеги. Да се обвинуваме во овој дел е некоректно. Сите знаеме каква технологија имаме, тоа е кртитика за сите нас, напомена Велковски.

Тој потсети дека 12 години не работи ТЕЦ Неготино кое обезбедува третина од производството на РЕК Битола, но се прават напори повторно да профункционира за да се излезе во пресрет на енергетската криза.

-Ќе ги обвините ли СДСМ сега дека нема снег?, праша иронично Велковски.

Во однос на непродуктвините трошења, пратеникот од СДСМ со конкретни бројки укажа дека средствата се намалени.

– Во 2015 година за возила биле проектирани 161 милион денари, а во 2021-ва биле проектирани 28 милиони. За мебел, пак, во 2015 година биле проектирани 57 милиони денари, а во 2021-ва 20 милиони, рече Велковски.

На ова реплицираше Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека земјава веќе плати пенали за струјата.

Тој информира и дека ВМРО-ДПМНЕ поднесе пет амандмани, за граѓаните, како што рече, полесно да ги поминат зимските месеци.

-Плативме 20 милиони евра пенали. Дојде Јанез Копач, плативме пенали зашто не сме произвеле струја и не укоруваа како последни бандити дека сме краделе. На тендер набавувате 900.000 тони јаглен, РЕК нула проценти производство на струја, а ТЕЦ Неготино и Осломеј не работат зашто Васко Ковачевски не си ја врши рбаотата. Одговорност мора да има. Евро немате предвидено во Буџетот за справување со ценовниот шок од поскапувањето на струјата, рече Стојановски и апелира СДСМ да ги прифати поднесените амандмани со кои се опфатени граѓаните, стопанските субјекти и социјалните групи.

Велковски повтори дека средства има доволно.

-Секогаш има резерва. Како што беа пренасочени 65 милиони евра за призводство на електрична енергија за кризата да биде помала, така има и во другите сегменти. Државата мора да предвиди и работи кои би можеле да се случат. Секогаш кога има вакви проблеми, државата мора да ги реши. Тоа го правела изминатите години и ќе го прави во иднина, подвлече Велковски.

На почетокот на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, Предлог-буџетот за 2022 година го образложи министерот за финансии Фатмир Бесими.

За опозицијата историски највисокиот досега Предлог-буџет за 2022 година тежок дури 4,4 милијарди евра е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци.

-Буџетот е проектиран пред локалните избори и најверојатно ќе го користи друга влада, порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски и нагласи дека ќе биде неминовно во првиот квартал од наредната година да се направи ребаланс и да се префрлат средства од капитални инвестиции за социјални трансфери.

-Искуството досега јасно кажува дека Владата предводена од СДСМ постојано креира и продуцира лажни и нереални проекции кои немаат никаква допирна точка со реалноста. Владата за 2022 година предвидува капитални инвестиции од 37 милијарди денари, но за жал, тоа е само на хартија бидејќи споредбено со претходните години, Владата на СДСМ никогаш нема надминато 19 милијарди денари реализација на превидените капитални инвестиции. Од друга страна, ова е буџет со буџетски дефицит од 4,3 отсто и се отвора дилема дали воопшто државата ќе може да си ги сервисира и плаќа своите обврски, рече Стојановски.

Нагласи дека не знае на што се темелат оптимистичките бројки за ДДВ, а како доказ дека буџетот е нереален го истакна фактот што приходите се намалени за 2,4 проценти во споредба со 2021 година. За него е нереален проектираниот раст од 4,6 отсто зашто, како што рече, никогаш не е надминат раст од 4 проценти кога СДСМ и ДУИ биле на власт.

-Со овој Предлог буџет јавниот долг ќе порасне за 787 милиони евра, од кои 346 милиони ќе се обезбедат од странство, односно на крајот на годината јавниот долг ќе биде на историски највисоко ниво од 65,9 отсто од БДП, рече Стојановски.

Посочи дека парите во буџетот ќе се трошат недомаќински и за партиски вработувања и како пример ги посочи МВР каде има зголемување на ставката за набавка на возила за 2.200 проценти и МНР со зголемување за 660 проценти, зголемување на ставката за набавка на мебел во Министерството за образование и наука за 137 проценти без да се предвидат средства за изградба на училишта и студентски домови, зголемени средства за плати во Министерството за здравство без да се предвидат средства за изградба на болници,…

Токму затоа, како што кажа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе околу 200 амандмани преку кои ќе се обиде да интервенираме и да го поправи Предлог буџетот.

Во реплика министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека јавниот долг од 65,9 отсто, најверојатно ќе биде 63,5 отсто.

-При второто читање ќе имаме попрецизна проекција, рече тој.

Нагласи дека е јасно оти капиталните расходи се зголемуваат и со тоа се менува структурата на Буџетот.

-Се крати во делот на стоки и услуги, каде номинално е помал од 2021 година, во тековните расходи, а кратено е и во делот на возилата освен во МВР, МНР и УЈП. Грубо, Буџетот не може да ги отслика прецизните предвидувања, но целта е да се намалат луксузните, непродуктвни трошења, нагласи Бесими.

За зелената агенда, додаде, се проектирани четири милијарди денари, а има поддршка и за енергетската криза.

-Предвидена е Програма во услови на криза П1 вредна 5,4 милијарди денари. За 35.000 семејства ќе има по 1.000 денари за енергија, но месечна поддршка ќе има и за 9 000 пензионери, посочи Бесими.