ВМРО-ДПМНЕ со амандмани ќе го блокира законот за амнестија

ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира со амандмани законот за амнестија кој е поднесен во Собранието, бидејќи намерата на власта со овој закон, како што се оценува, е да се ослободат криминалци кои служат затворски казни.
„Да, ние ќе го блокираме, тука не треба да има никаква дилема. Ова не е закон со европско знаменце како што беа измените во кривичниот законик и ние ќе го блокираме во рамките на собраниската процедура, зошто овој закон има двојна намена. Првата е да ослободат криминалци кои одлежуваат затворска казна, бидејќи така им ветиле. Тука не мислам само на СДСМ и ДУИ, туку и на помалиот коалициски партнер Алијансата за Албанците ако воопшто постои, ако не е претопена во ДУИ или барем оној дел кој што се идентификува како Алијанса за Албанците…Значи тоа се преземени обврски кон криминалците кои се на отслужување на затворска казна, дел од нив да добијат намалување, делумна амнестија, дел целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера да се пресмета со криминалот од каков било облик.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека блокадата е стратегија на опозицијата, која постојано ја применува и додаде дека утре во 12 часот министерот за правда ќе има брифинг со медиумите, на кој детално ќе го образложи предложениот закон.
-Нема решение во парламентот што опозицијата не го блокирала. Јас откако сум дел од Владата и дел од парламентарната дебата, било како заменик-министер за финансии, било како премиер, стратегијата на опозицијата е блокада. Тоа им стана како спиритус мовенс на нивното работење, станува сабајле и вика – јас сега ќе блокирам. Тоа е веројатно нешто што во 11 години години владеење го научиле, кое го имаа во државата. Тогаш имавме блокирани евроинтеграции, имавме блокирани НАТО интеграции, имавме блокирани односи со соседите, имавме блокиран економски развој, истакна Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Горска“ .
Министерството за правда на 26 септември соопшти дека предлог законот за амнестија ќе биде доставен до Собранието и дека е предвидена скратена собраниска постапка. Според последните податоци од Министерство за правда со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2.114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2.813 чекаат да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.
Како основна причина за донесување на закон за амнестија во предлогот доставан денеска до медиумите е посочена потребата од ресоцијализација на определен број осудени лица, имајќи ги предвид и условите и капацитетите во казнено-поправните установи во држават како и растеретувањето на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна.Амнестијата нема да се однесува за осудените за злоупотреба на службена должност. За осудените и обвинетите за злоупотреба на службена должност е предвидено намалување на затворската казна со друг закон, односно со измените на Кривичниот законик за кој пристигнаа критики од меѓународната заедница во однос на начинот на кој беа донесени и што тие ќе значат за случаите со висока корупција.
Но, од експертската јавност во повеќе наврати посочуваат и дека проблемите со пренатрупаноста на затворите и нивните лоши услови не се решаваат со чести закони за амнестија, туку со целосно применување на пробацијата, односно со користење на алтернативни мерки – условна осуда со заштитен надзор, куќен затвор, општокорисна работа… Иако Законот за пробација започна да се применува во 2016 година, во пракса судовите многу ретко изрекуваат алтернативни мерки на обвинетите лица, со што пренатрупаноста во затворите постојано расте. Како што е познато, во гарантниот рок не профункционираа ни електронските алки за надзор при издржување на казна куќен затвор кои беа набавени во 2015 година, па целиот процес на „растоварување“ на затворите преку амнестии наликува на вртење во круг.
Од осамостојувањето на Македонија до денес се донесени повеќе закони за амнестија, со кои било изразено правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела. Првиот закон за амнестија е донесен во 1991 година, друг во 1999, во 2002 и во 2003 година (ревидиран во 2004 година). Два закона за амнестија се донесени и во 2018 година. Со првиот беше амнестирана група на правосилно осудени лица со цел нивна ресоцијализација и растоварување на затворите. Вториот се однесуваше на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените кривични постапки и целосно ослободување од казната затвор на лица за кои постоело основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Последниот од низата закони за амнестија беше донесен годинава за лица осудени (во екот на ковид-пандемијата) со правосилна пресуда на парична казна за кривични дела од членот 205 „Пренесување заразна болест“ и членот 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.