Утре попладне посебен сообраќаен режим поради „Скопје Прајд 2026“
Во Скопје утре ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради одржувањето на Парадата на гордоста „Скопје Прајд 2026“, која годинава се организира под мотото „Сите нека знаат“.
Настанот е најавен како протестен марш посветен на човековите права, еднаквоста и достоинствениот живот на ЛГБТИК+ заедницата во земјава. Организаторите велат дека годинашниот марш ќе испрати пораки за видливост, солидарност и отпор кон дискриминацијата.
Маршрутата ќе се движи од Градскиот парк по булеварот „Илинден“, преку улицата „Франклин Рузвелт“, булеварот „Партизански одреди“, улицата „Васил Главинов“ и улицата „Димитрие Чуповски“, а ќе заврши во Парк Жена Борец на улицата „11 Октомври“.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по должината на трасата ќе бидат распоредени полициски службеници кои ќе го регулираат сообраќајот и ќе се грижат за безбедноста на учесниците и граѓаните.