ВМРО-ДПМНЕ сака да отвори пазар за крипто валути во Македонија

С идеја да се оди кон иднината лидерот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа најави дека неговата партија ќе разработи модел според кој во Македонија ќе се тргува со крипто валути за да бидеме меѓу првите во регионот. Трговијата со крипто валутите Христијан Мицкоски ја спореди со појавата на интернетот во 1990-тите и новата технолошка револуција.
„Нашата понуда е да бидеме пионери или меѓу првите во регионот коишто ќе овозможат пристап во трговијата со крипто валутите и ‘Blockchain’ технологијата, што денеска за многу млади луѓе не само во Македонија туку и во регионот, Европа, САД претставува сериозен исчекор кон иднината. Да одиме кон иднината, а не пасивно да ја чекаме таа иднина“, рече Мицкоски на синожешната трибина за промоција на партиската политика за „Македонија за сите луѓе“ во општина Карпош.
Со формализирање на пазарот на крипто валутите, според тврдењето на Мицкоски, во буџетот ќе се слеале половина милијарда евра, кои ќе биле искористени за болници, инфраструктура и образование.
Мицкоски уште рече дека според концептот „Македонија за сите луѓе“ ќе може да се стигне до просечна плата од 45.000 денари.