ВМРО-ДПМНЕ не престанува да го дели Илинден


ВМРО-ДПМНЕ не престанува да го дели Илинден, а изговор за одлуката да не оди на прославата, на која вообичаено оваа партија кога не е на власт организира исвиркувања и скандали, е наводното менување на трацијата за нардната прослава на Илинден. 

-Политичар кој се плаши од својот народ треба веднаш да се спакува и да ја напушти политиката. Лидерство се покажува и во добри и во лоши моменти. Непочитување кон жртвата на хероите дадена за Македонија, македонскиот народ и нација претставува токму “циркузантската” минијатура во форма на мини колона која треба да ја предводи претседателот, обезбедувана од два баталјони полиција без присуство на народ, во време кога пред 118 години хероите во Крушево ја завршиле работата.

Жалам што поради сопствениот страв од соочување со народот, големата лична суета и елитизмот сакате да обезличите настан кој не е на политичарите, туку тоа е настан на народот. Народот кој се борел за Македонија, кој се бори и ќе продолжи да се бори. Вие еден ден нема да бидете претседател и ќе заминете, ќе ве паметат по тоа што ќе оставите позади вас, но ќе ве запаметат и по оваа кукавичка одлука да му го одземете на народот чествувањето на жртвата на Илинденците. Со кое право цензурирате традиција, тоа не го правеле ниту поробувачите, ниту комунистите, ниту најголемите негатори на македонскиот народ, посебност, култура и обичаи?

Ве советувам да размислите за одлуката, не му го одземајте на народот тоа малку достоинство што му е преостанато. Оставете ја традицијата и обичаите да бидат такви какви што од баба на внук се пренесувале. На Илинденците, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми и останати не им требала лажна политичка порака за обединување, не им треба политички шпалир за да сите до еден го положат својот живот за Македонија, тоа го почувствувале, се прегрнале, Македонец со Влав, Македонец со Албанец со Турчин… и го дале својот живот за својата Македонија. Македонија може и без вас и без мене и без политичарите, но што сме ние без неа и народот!? – стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според програмата, одбележувањето на празникот ќе започне во 9 часот со настани во Скопје, кои годинава ги организира Собранието. Делегација предводена од Џафери ќе положи цвеќиња на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев. Претседателот на парламентот ќе има и обраќање, а предвидена е и културно-уметничка програма.

На настанот во Скопје ќе бидат присутни и делегации на другите институции, а владината ќе ја предводат министрите за здравство и за образование и наука, Венко Филипче и Мила Царовска, и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.

На премиерот Зоран Заев, пак, годинава му се падна настанот пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде покрај положувањето цвеќиња, тој ќе одржи и говор. Во делегацијата со Заев ќе бидат првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за антикорупција, Љупчо Николовски, и министрите за внатрешни работи и за одбрана, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска.

Настанот во Крушево оваа година е во организација на претседателот на државата и тој ќе биде со поразличен концепт од досегашните. Како што и претходно најави претседателот Стево Пендаровски, овојпат нема да држи говор „за да ја деескалира вообичаената амосфера на Мечкин камен, која е често исполнета со навреди кои според него повеќе разделуваат отколку што обединуваат“. Скандали на Мечкин камен немаше само кога зборуваше спикерот на Парламентот Талат Џафери.