„Вреди“: Сите патишта на Капушевски и Јахоски водат до Груевски и Мијалков


 

Сите патишта на ова раководство на ДУИ водат кон Никола Груевски и Сашо Мијалков, порачаа денес од коалицијата „Вреди“, реагирајќи на полициската акција во која беа уапсени Ратко Капушески и синот на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, инаку газда на „Пуцко петрол“.

„Ратко Капушевски, поранешниот кадар на Груевски за директор на СЦ ‘Борис Трајковски’, како играч на Самсоненко и Мијалков станува актер во бизнисот со нафта и се ортачува со синот на Исмаил Јахоски, алијас ‘Пуцко петрол’, човекот од највисока доверба на Али Ахмети. Со акција на МВР овој режимски картел неофицијално се сомничи за испумпување на 10 милијарди денари преку фиктивни договори, чиј предмет е штетен за воздухот и отровен мазут. Но ова не е само криминал! Ова е и лага. Наводната „деалбанизација“ со која измамнички манипулира ДУИ е само параван за нивниот страв од правосудна одговорност. Оваа партија нема веќе што да скрие од народот. Се покажаа голи пред Албанците и целосно го изгубија кредибилитетот. Нема веќе платно која може да го покрие нивниот срам. Една од последните епизоди на очајниците се заканите за политичка криза и бојкот. Станува целосно легитимно прашањето дали зад ова сценарио на ДУИ всушност се кријат Груевски и Мијалков?“, порачаа од „Вреди“.

Како актуелни коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ тие очигледно ги поврзаа уапсените само со поранешното раководство, но не и со партијата. 

Инаку, според последните информации, тринаесет лица се опфатени со вчерашната координирана акцијата против компании и поединци инволвирани во сомнителната набавка на горива штетни за здравјето на граѓаните и животната средина. Во текот на постапките за набавка и дистрибуција на горива со недзоволено ниво на сулфур, лицата инволвирани во синџирот биле заштитувани од одредени центри на моќ. Додека се вршеле претресите, пратеникот Исмаил Јахоски, татко на Асмир Јахоски, ги попречувал полициските инспектори и истражители да си ја вршат работата.

Истрагата е насочена во три правци: Првата треба да го открие  начинот на добивањето на јавните повици за набавка на мазут, распишани од ЕСМ, преку честото менување на тендерските услови за да се фаворизира понудувачот РКМ. Се истражува и начинот на складирање, начинот на испорака и злоупотреби при овие фази од набавката на мазутот во вредност од десетици милиони евра.

Вториот правец на истрагата е проверката како за јавниот повик е добиена банкарската гаранција за РКМ затоа што таа фирма немала доволен финансиски капацитет и не прикажувала високи приходи. Се проверува кој учествувал во таа операција за банкарски гаранции и дали со тоа е поврзана и смената на сопственоста во РКМ, каде сопственик покрај Капушевски станува и Ерџан Сулкоски, поранешен вработен во „Пуцко петрол“ и жител на Пласница.

Третиот правец на истрагата е утврдување на квалитетот на мазутот што се увезувал и дали ги задоволувал еколошките критериуми. Дополнително се истражува дали цистерните испорачувале само мазут или биле дополнувани со вода по што не биле проверувани. Со истрагата се опфатени и неколку возачи.

Синот на пратеникот е целосен сопственик на „Пуцко петрол“, но нема официјални информации дали и пратеникот е дел од акцијата што е во тек. Исмаил Јахоски со години беше градоначалник на Пласница и пратеник од редовите на ДУИ. 

Од извори во истражните активности се дознава дека биле испумпани околу 10 милијарди денари преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на штетните горива. Со акцијата се опфатени и поранешениот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е бегство, уште еден поранешен директор на ЕСМ, поранешна директорка за финансиски работи на ЕСМ, секторска директорка и други службени лица поврзани со набавките.

Ратко Капушевски (39)  е познато име во сферата што сега ја истражуваат надлежните институции. Како што објави Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ со документарниот филм „Заговор против воздухот“ објавен во 2021 година, босанска компанија продавала загадувачко масло кое завршило за загревање на болниците во Северна Македонија. По објавата на документарниот филм следеа серија инспекциски контроли за квалитетот на мазутот, кои констатираа дека станува збор за тешко отпадно масло, а не мазут. Капушевски во најмалку два наврата бил фатен како увезува или се обидува да увезе лажно деклариран мазут во Македонија. Регулаторната комисија му ја одзела лиценцата во 2021 година по објавата на филмот , но му ја вратила кога ги отстранил недостатоците. Набрзо потоа РКМ и ЕСМ склучија два договора, со вкупна вредност од над 112 милиони евра –  за набавка на мазут, во време кога ТЕЦ „Неготино“ стана  резерва со која Владата и ЕСМ се обидуваа да ја стабилизираат енергетската криза.

Друштвото за производство, трговија и услуги РКМ Скопје е формирано во дејност трговија на големо со енергенси и нафтени деривати во 2019 година, но само по три години се пофали дека станало еден од лидерите во регионот.

Претходното искуство на Капушевски воопшто не е поврзано со дејност во оваа сфера, туку е партиски трасирано. Кога Никола Груевски замина од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ, Капушевски на социјалните мрежи му се заблагодари што на 22 години го поставил за „историски најмладиот директор на националната Агенција за образовни програми и мобилност, за шеф на кабинет на општина Центар, па за директор на Спортскиот центар ‘Борис Трајковски’“.