Власта смирува – нема нови даноци, во план повисоки стапки само за недвижности што не се користат
Нови даноци нема да има и стапките кои во моментов се на сила остануваат. Што се однесува до данокот на имот и промените што се предложени и се влезени во собраниска процедура, се работи за намера, односно цел да биде активиран недвижниот имот во Република Северна Македонија, кој не е активиран во моментот.
Ова го истакна заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на третиот ден од расправата во Собранието по дополнетиот предлог -буџет за 2021 година, одговорајќи на пратеник од опозицијата.
Потенцира дека остануваат истите стапки на данокот на недвижен имот како што се, додека оние кои имаат неискористен имот повеќе од шест месеци, тогаш тој ќе биде оданочен со стапка на данок на имот три пати поголема.
Појасни дека тоа не се однесува само на станови и куќи. На оние кои имаат повеќе од една куќа или еден стан, два стана, три, и кои не се издаваат, бидејќи доколку ги издаваат нема да бидат оданочени, туку и на индустриски објекти кои стојат неискористени и не придонесуваат во економскиот живот.
-Кога патувате гледате дека има таков имот со кој се имаат стекнато во текот на приватизацијата и каде што се гледа дека е неискористен. Оној кој не планира да го искористи и работи ќе плати трипати повеќе данок на имот, рече Ковачевски и додаде дека нема да се даночи имотот што се користи како живеалишта на граѓаните, при што тој се оданочува со половина од пропишаната стапка, нема да се даночи имотот на оние кои работат во странство, но доколку имаат три или четири стана и сите имоти не се издаваат ќе бидат оданочени со поголеми стапки.
Најави дека ќе бидат изработени подзаконски акти и потенцира дека не се работи за воведување нови даноци.
Собранието трет ден расправата по дополнетиот предлог-буџет за 2021 година. Пратениците од власта и опозицијата ги искажуваат своите мислења и ставови околу предлогот. За власта тој е континуитет на одговорни политики, фокусиран на поддршката на здравството и економското заздравување, за опозицијата мегаломански, нереален, буџет кој нема да се реализира.
-Буџетот во 2021 година е фокусиран да обезбеди поддршка и унапредување на здравствениот сектор, на економско заздравување, буџетот е континуитет на одговорни политики на Владата, рече Лидија Тасевска од СДСМ.
Славјанка Петрова од оваа партија потенцира дека колку е граѓански буџетот се гледа од начинот на кој е планиран и додаде дека во него се покажува грижа и за вработените, и инфраструктурата….
За Илија Петкоски од ВМРО-ДПМНЕ предложените мерки ниту го штитат здравјето, ниту ќе ја заживеат економијата.
Бојан Стојановски од оваа партија посочи дека нема ниту еден проект што почне следната година, ниту автопат, ниту ќе почне изградбата на студентскиот град, ниту изградба на ново училиште, нту пак има зголемување на платите.
Ваквиот буџет, според Благица Ласовска не заслужува поддршка бидејќи јавниот долг ќе биде над 60 проценти.
Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ беше со став дека е мегаломански и нереален. – СДСМ и во 2021 година продолжуваат со политика на живот на вересија. За да ме разберат граѓаните Македонија е во рецесија, односно во стечај, рече Велјановски и праша дали планира власта да ги зголеми даноците.
За владејачкото мнозинство државата ја оставила во стечај токму опозицијата кога заминала од власт, а беше споменат и проектот Скопје 2104.