Власта и опозицијата спорат околу ребалансот на Буџетот
Собранието на Република Северна Македонија попладнето ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот за 2021 година, во рамки на 47-та седница.
Пратениците од опозицијата рекоа дека ребалансот на Буџетот не е развоен, дека се кратат капиталните расходи, а се зголемуваат материјалните трошоци. Тие забележаа дека Владата води погрешни економски политики, која ќе ги донесе граѓаните да бидат најзадолжени во историјата, а економијата да биде во најголема криза.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Дејанчо Ефтимов забележа дека Владата во последните три години го зголемила долгот за 2,5 милијарди евра.
– Првпат ги надминавте Мастришките критериуми. Задолжувањето во моментот е 62 отсто. Првпат јавниот долг ги надмина вкупните приходи кои ги има државата. Загрижувачки показатели, кои економистите ги толкуваат како сериозен предзнак, кои укажува дека економијата ќе се движи во негативна насока, рече Ефтимов.
Тој смета дека се нереални проекциите на Владата дека растот на БДП ќе биде 4,3 отсто, а стапката на инфлација 2,1 процент.
– Ова ниту држи место, ниту некој од граѓаните ќе поверува. Знаеме дека инфлацијата ќе биде многу поголема од онаа што ја проектирате. Самите граѓани ја чувствуваат оваа инфлација и на основните продукти, како маслото, има пораст од 42 отсто, кај млекото има пораст од 15, 5 проценти, истото се случува и со брашното, рече Ефтимов.
Пратеникот Панчо Минов рече дека го поддржува ребалансот на Буџетот, кој, според него, соодветствува со реалната состојба во државата.
– Овој ребаланс има неколку приоритетни цели. Прво е справувањето со состојбата предизвикана од Ковид-19. За справување со пандемијата се предвидени 16,5 милијарди денари, од кои 4 милијарди се дополнителни средства од овој ребаланс. Тоа се средства наменети за целосна имунизација на населението, обезбедување вакцини, лекови и друго. Втора приоритетна цел е зголемување на капиталните инвестициски расходи, кои овде се димензионирање од 30,5 милијарди денари или зголемување од 5,6 милијарди денари. Овие средства се наменети за бескаматни кредити, за најпогодените стопански дејности од здравствено-економската криза, рече Минов, додавајќи дека кај стопанствениците има голем интерес за користење на бескаматните кредити.
Како трета цел на ребалансот на Буџетот Минов ја наведе зголемувањето на трансферите и субвенциите, кои се зголеми за 12,7 милијарди денари.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски рече дека Владата пред два месеца не убедувала дека има пари во Буџетот, денеска е ребалансот во кој е предвидено буџетската дупка да се зголеми за речиси 200 милиони евра.
– Оваа Влада планира да потроши 4,3 милијарди евра, а во државната каса да прибере 3,6 милијарди евра. Кога го носевме Буџетот за 2021 година, предупредувавме дека Владата планира да воведе нови даноци, нови такси и поскапувања. Денеска, неколку месеци подоцна, цената на електричната енергија се зголеми за 7,12 отсто, се воведе нов данок на имот, се планира воведување на нов „арач“ во форма на развојна обврзница, зелена, за покачување на цената на горивата за четири денари по литар, се планира воведување на прогресивен данок и друго, забележа Велјановски, кој рече дека СДСМ не знае да ја води државата.
Пратеничката од СДСМ Жаклина Лазаревска рече дека преку ребалансот на Буџетот јасно се воочува дека оваа Влада не сака деспотски да владее, туку да ги решава нивните проблеми во услови и последици предизвикани од ковид-пандемијата.
– Во таа насока јасно се препознава континуираната грижа на Владата за спас на сечиј човечки живот, за секое работно место, за заздравување на економијата, економска стабилност и економски развој, за подобрување на живеењето на сите граѓани, за заштита на животната средина, за земјоделството. Со ребалансот на Буџетот се обезбедени плати и субвенции, притоа не изостанува и поддршката на ранливите категории. Станува збор за продуктивен ребаланс кој ги следи економските состојби, оцени Лазаревска.
Инаку, вчера министерот за финансии Фатмир Бесими, посочи дека капиталните инвестиции главно се зголемуваат во буџетската структура и стигнуваат до 11,1 процент за разлика од претходните девет години кога биле 9,5 проценти. Ако се споредиме со другите години, како што рече тој, реализацијата на капиталните инвестиции била околу 55, 60, 70 проценти, а оваа година се реализирани 81 процент.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, повисоки во однос на планот, а планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Во ребалансот е предвидено да има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.
В понеделник Собранието ќе ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот.