„Сите ние сме суетни по малку“: Владо Јаневски приреди тричасовна журка во Филхармонија
Третиот од четирите закажани и распродадени концерти на македонската музичка ѕвезда Владо Јаневски синоќа прерасна во тричасовна журка во која уживаа и присутните во преполната сала на Филхармонија, но и десетчлената екипа и самиот Јаневски.

„Вие сте единаесеттиот член на бендот“, повтори неколку пати еден од најдолговечните и најпопуларните пејачи на домашната естрада кого публиката сака да го гледа на сцена, без оглед дали ги изведува старите или поновите песни.

Сите присутни заедно на нозе ги пееја „Не зори зоро“, „Црно Тиквешко“, „Еден бакнеж“, „Чаирска романтика“, но и скопските „Отаде Вардар“, Ова е наше Скопје“…, а за атмосферата да биде уште поатрактивна, салата повеќепати наликуваше на ѕвездено небо со вклучените светилки на мобилните телефони.

Забележливо, доминираа припадничките на понежниот пол, но она што радува е што меѓу присутните имаше многу млади, од помладите генерации, кои ги знаеја песните и текстовите на Јаневски. И, би рекле, се препознаваа во нив.

Своевремено, кога Владо Јаневски ја почнуваше музичката кариера, во тогашната југословенска федерација беше популарна една парола, која велеше дека „држава со таква младина не треба да стравува за својата иднина“. Ако ова се транспонира на Јаневски, тогаш слободно може да се каже дека со ваква публика во која покрај луѓето од „неговата“ генерација има и многу млади, тој воопшто не треба да стравува за неговата музичка иднина.

(Фото: Независен.мк)
За целата атмосфера придонесоа и музичарите од бендот, меѓу кои и „тешкашите“ (според нивниот придонес за македонската музика) како Валентин Скендеровски и Влатко Плевнеш на клавијатури, Ѓоле Максимовски на бас, но и другите инструменталисти и четирите придружни вокали. Концертот беше во организација на „Авалон“.

Владо Јаневски не крие дека музичарите сакаат кога публиката ги повикува на бис.
„Сите ние по малку сме суетни“, рече тој кога и покрај свирката која веќе траеше повеќе од 2,5 часа, излегоа повторно на бина, на барање на присутните, додавајќи дека и покрај должината, времето му поминало брзо и дека уживал. Истото чувство го имаа и оние кои што го следеа концертот.

Во текот на концертот Јаневски се осврна и на некои наслови во медиумите од претходните два настапи, посебно на „Владо се расплака на сцена“, кој, како што кажа, потоа бил преземен („копи-пејст“) од многу портали.
„Можеби сум ги поткренал наочарите со цел да ги наместам и веројатно со прстот сум се допрел до окото. Објаснуваше тој на сцената. „Но, да се расплачам?!“, додаде одмавнувајќи со раката.
Велат, солзите на Чак Норис се лек за многу болести, но работата е што тој никогаш не плаче.
Владо Јаневски и нема потреба да заплаче на сцената. Доволно е да пее, бидејќи неговите песни за многумина се мелем за душата. (М.Ј.)