Владо, Џамбазов, Каролина, Џајковски…: „Тиквеш“ со атмосфера како на концерт
Првото отворање на бочвите со вино од годинешната берба на винаријата „Тиквеш“ , во годината кога се слави 140 години љубов, преточена во вино, вчера, на Тиквеш фестивалот на младо вино во Кавадарци, имаше атмосфера на ексклузивен концерт на кој се славеше македонската поп-музика со врвни изведувачи, кои сега, ретко ги гледаме со свој концерт.

Па така, на релативно топло време, гости од сите сфери на живеење, претставници на дипломатскиот кор, на институциите, на бизнис секторот, министри, новинари и јавни личности дегустираа врвни вина од избрани микролокации на „Тиквеш“, се дружеа, озборуваа, мезеа, пушеа пури, видоа, беа видени и се забавуваа на музика од сите жанри.

Гостите пристигаа на етно музика, како мелем на душа, во изведба на Андријана Јаневска, се загреваа на хитовите на Каролина, Тамара, Лидија Кочовска и на Владо Јаневски, за музичката програма на крај да финишира фуриозно со електронска музика и џумбус со интернационалната ѕвезда Кирил Џајковски и неговиот бенд кој вклучува и труба и виолина.

Годинава, водител беше маестралниот Игор Џамбазов, кој мудро ја водеше програмата, ред едукација за виното, ред практични совети, ред историја и традиција, ред поезија, на шармантен начин, на начин на кој што само тој умее. Гостите го проследија и моќниот спот за јубилејот, годинава под мотото „Бескрајно твој“.

Веќе 16 години е престиж да бидеш поканет и да дегустираш врвни вина од микролокациите „Барово“, „Лепово“, „Бела вода“… на фестивалот на младо вино на „Тиквеш“, прв и единствен од ваков вид во земјава фестивал кој има значајна улога во градењето и развојот на винската култура во земјата, но и регионот.

Да си наздравуваш со чаша вино за посреќна иднина, и по традиција да се среќаваш со познаници и пријатели, или одамна заборавени и одамна невидени, покрај убави жени, дотерани како за на модна писта. И годинава, модниот репертоар вклучуваше бунди, шапки, високи потпетици, црвен кармин и задолжително исфенирана (долга) коса.

Од година во година, бројот на гостите на фестивалот се зголемува, мислиш дека го гледаш цело Скопје во „Тиквеш“, па и обезбедувањето и влезот подлежат на поригорозни мерки, пред се заради ВИП гостите, но по некое правило, ВИП делот во еден момент се празни, и гостите се дружат во отворениот дел и пред сцената. Запазена е и хуманитарната нота.

Како и да е, сите доаѓаат со убави очекувања, и среќни заминуваат дома. Некој со вино, некој со спомени. До следната година!
Л. Сабит