Владиниот кабинет пред комплетирање, на ред се замениците министри и државните секретари
Наредниве денови треба да биде комплетиран владиниот кабинет со заменици-министри и државни секретари, а коалициските партнери ги договараат и директорските позиции во институциите.
Така, било договорено помалиот коалиционен партнер во Владата да ги добие заменичките министерски места во МВР, одбрана, здравство, правда и транспорт. Како што информираа дел од медиумите, екс директорот во Телеком, Назим Буши ќе биде заменик во МВР, Башким Хасани во одбрана, актуелниот директор на Торакална клиника Илир Хасани ќе биде заменик министер за здравство, а заменик министерот во МВР Агим Нухиу заминува на иста позиција, но во Министерството за правда.
Според истите информации ДУИ добива и неколку значајни директорски позиции. Така, најважната оперативна позиција во МВР, Бирото за Јавна безбедност ќе го раководи Шефик Бајрами, а Финансовата полиција ќе ја преземе досегашната заменик министерка за финансии, Ширет Елези.
Било дговорено СДСМ да предложи директори во Пошта и во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но за возврат ДУИ тоа ќе го стори за МЕПСО (се споменува Мукадес Хајдари), во АЕК, каде што за директор се споменува синот на Муса Џафери, Арианит. Кадри на ДУИ ќе раководат со ДИТ, со Директоратот за заштита и спасување, со Агенција за лекови и ЈП за Државни патишта, но и Бирото за метрологија, Центарот за управување со кризи, Македонски железници, Катастарот…
Целата процедура се очекува да биде завршена до крајот на идната недела.
-Со коалицискиот партнер СДСМ договорени сме за поделбата на позициите на замениците министри, државните секретари, како и основната поделба на некои од директорските места. Но, тоа всушност не е поделба туку замена на ресорите, на пример АД Пошта со МЕПСО, Фондот на ПИОМ со ЈПДП. Се работи само за размена на директорски места за да бидеме многу попродуктивни и луѓето да дадат подобри резултати на нивните нови работни места, рече вчера првиот вицепремиер Артан Груби.
Тој се надева дека денеска или утре ќе бидат заокружени имињата на замениците-министри и државните секретари и најави дека ДУИ ќе има и пет државни секретари.
Првиот вицепремиер како шпекулации ги оцени информациите дека се разговарало и за имиња кои треба да ги преземат директорските функции во јавни институции. -Директорските места не се поделени. Ние имавме размена на пет директорски места со пет други директорски места, појасни Груби. Тој додава дека имињата се уште не се знаат, но оти ќе бидат соопштени преку претставници на нивната партија, а не преку социјалните мрежи.
Во коалицијата „Можеме“ се уште се договараат кадровските решенија. Дел од замениците-министри треба да дојдат од редовите на коалициските партнери на СДСМ, кои останаа без претставници во Владата откако беа укинати неколку министерски функции без ресор.
Премиерот Зоран Заев минатата недела изјави дека нема проблеми во распределбата на местата, туку дека само се води квалитетна дебата да се најде заеднички јазик на местата да се постават најквалитетните кадри кои се на располагање.
Ова, рече, е процес во кој се водат разговори со партнерите, сакаме да го избереме најквалитетното од тоа што го имаме како понуда, рече премиерот Заев.