Владата планира ново задолжување до 250 милиони евра, вели СДСМ


СДСМ тврди дека Владата планира ново задолжување до 250 милиони евра преку издавање должнички хартии од вредност на меѓународниот финансиски пазар, соопшти партијата.

Според СДСМ, одлуката била донесена на владина седница на 29 септември, а средствата се предвидени за буџетска поддршка.

Од партијата велат дека новото задолжување се планира до крајот на годинава и оценуваат дека не е поврзано со отплата на доспеани долгови, туку со финансирање на тековните буџетски расходи.

СДСМ тврди дека јавниот долг достигнал околу 11 милијарди евра, а заедно со обврските на јавните претпријатија надминува 63 проценти од БДП.

Партијата наведува и дека буџетскиот недостиг изнесува околу 900 милиони евра, додека недостигот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување го проценува на една милијарда евра.

Од СДСМ оценуваат дека новото задолжување е потврда на нивните претходни предупредувања за состојбата со државните финансии и економските политики на Владата.