Владата низ партнерство го бара моделот за кампањи од исклучителен јавен интерес
Националниот координатор, Марјан Забрчанец, вели дека предлогот на Владата е да се создаде независно тело составено од кредибилни лица од медиумскиот и граѓанскиот сектор кое ќе прави проценка на секој предлог за реализација на кампања од јавен интерес
Како да се спроведат кампањи кои се важни за клучните моменти со кои се соочува општеството а тоа да не изгледа како владино саморекламирање? Овој јазол уште не може да се отплетка по лошото искуство од груевистичкото време, а потоа со утрдувањето на членот 102 од Законот за АВМУ, кој забранува владино рекламирање. Но што да се прави со поттикнување на кампањата за масовна вакцинација, кога сѐ уште постои голема воздржаност кај населението за примање на вакцини и со тоа драстично да се намали опасноста од корона вирусот. Или како да се мотивираат граѓаните да немаат одбојност спрема пописот кој треба да се спроведе во април.
Тие дилеми сѐ уште не се расчистени. Новинарските здруженија се чувствителни поради искуството од груевистичкото време кога државата преку владата не само што екстремно силно влијаеше врз медиумскиот и јавниот пејсаж, туку и на директен начин со милиони евра ги поткупуваше медиумите за благонаклоно известување.
Марјан Забрчанец, национален координатор за стратегиски комуникации, разбира дека тоа е несигурно одење по жица, но вели дека има потреба да се изнајде модел според кој и медиумите ќе останат независни, и важни општествени политики би требало да се промовираат, и сето тоа да се направи со скромни буџети. „Владата во овој период разменува мислења и прави консултации со што е можно повеќе чинители во врска со потребата од едукативни и информативни кампањи од исклучителен јавен интерес“, вели Забрчанец. Тој нагласува дека предлозите до Собранието би биле конципирани врз основа на мислењата на стручни и граѓански тела кои се занимаваат со оваа проблематика.
И Здружението на новинари на Македонија, и Советот за етика, и новинарскиот синдикат, токму поради искуството од минатите времиња се многу претпазливи околу можноста за владини реклами за тоа да не се претвори во влијание врз уредувачката политика, а и ставање во нерамноправна положба на сите актери на медиумскиот пазар.
Здружението на националните телевизии (ММА) неодамна јасно ја поддржа Владата во идејата за државни реклами во приватните медиуми и измена на познатиот член 102.
„Земајќи ја предвид позитивната европска пракса, која дозволува и препорачува емитување на непартиски кампањи од исклучителен јавен интерес, како што се, на пример, кампањите за заштитните мерки од Ковид-19, сметаме дека како европската, така и домашната јавност мора на вистинит но и навремен начин да биде информирана за теми и прашања од исклучителен јавен интерес кои имаат директен ефект врз македонските граѓани како на пример: антикорупција, борба против дезинформации и лажни вести, интеграција на земјата во ЕУ, борба за чист воздух…“, напишаа во своето соопштение приватните телевизии.
Како најголем учесник на медиумскиот пазар од нивна страна изгледа разбирливо во економската криза предизвикана од пандемијата на нивните сметки да се префрли огромен дел од рекламниот колач, па макр бил и скромен. Тие и не го кријат тоа кога во соопштението нагласуваат дека „најдобар канал за пласирање на кампањите од искучителен јавен интерес се националните терестријални ТВ канали“.
Овој нивен став во старт предизвика сомневање на другите учесници ма медиумскиот пазар, како весниците, радијата и порталите, затоа што со евентуалната измена на членот 102 без јасни правила кај нив постои стравување оти би можела да настане уште поголема дисторзија во пејсажот од онаа што сега ја има.
Според изјавите, во Владата ги разбираат повеќето опасности што можат да настанат со откочување на владините реклами. Забрчанец го објаснува концептот за кој тие се залагаат: „За да не се остави Владата сама да проценува дали одредена тема е исклучително важна за да заслужи јавна едукативна кампања, ќе воведеме контролен и заштитен механизам, независно тело составено од непартиски, невладини, стручни и кредибилни лица од медиумската фела и од граѓанскиот сектор, кои прават проценка и ќе даваат мислење по однос на секој предлог за реализација на кампања од страна на централните или локалните институции“.
Тој ги наведува точките кои што можат да бидат дел од овие јавни кампањи: заштита од пандемијата на Ковид-19 и вакцинацијата, пописот на населението, борбата со корупцијата, медиумската писменост, справувањето со дезинформациите и други слични теми.
ЗНМ и Советот за етика на одреден начин ја подотворија вратата за вакви јавни кампањи кои се од исклучителен јавен интерес, но нивните претставници велат дека тоа треба да биде направено многу внимателно, но и дека тие кампањи треба да одат бесплатно, за да се спречи значајното пласирање на јавни пари во медиумите. И при тоа да се следат демократските практики во западните земји.
Забрчанец нагласува дека целта не е владино себерекламирање, како во груевистичкото време, туку за промовирање на теми од исклучителен јавен интерес. „Станува збор за заштитни механизми, за контролни механизми, за јасни ограничувања, за мали буџети распределени по строги и јавни правила, пропороцинални распределби на оној дел кој се однесува на медиумскиот закуп кај различните видови приватни медиуми, а не милионски суми распределени кај ‘подобните’“, вели Забрчанец.
Националниот координатор нагласува дека го поддржуваат предлогот на медиумските организации на некои од медиумите да им се обезбеди фонд за продукција на содржини од исклучителен јавен интерес, „фонд на кој медиумските куќи и продукции ќе можат да аплицираат за да создадат сопствен производ за теми од јавен интерес, во кој ќе бидат ангажирани медиумски работници и професионалци и кој ќе го емитуваат самите медиуми“. Но и за тој механизам, вели Забрчанец, е неопходна измена на членот 102.
Дебатата е во тек, различни видови стравови постојат и кај двете страни, прашање е како тие да се надминат и да се стават на колосек каде што ќе има помалку забелешки, а повеќе точки во интерес на целото општество, а не на одредени политички и медиумски структури. И најважно, да има јасен отчет за тоа како се трошат јавните пари, макар и во скромен обем. (Љ.П.)