Владата на Косово усвои две одлуки во врска со утрешната заедничка седница со Владата на Северна Македонија
Владата на Косово попладнево одржа електронска седница, на која усвои две иницијативи поврзани со соработката со Северна Македонија, а во пресрет на заедничката седница на владите на двете држави што ќе се одржи утре во Приштина.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во соопштението од кабинетот на ксовскиот премиер, Албин Курти се наведува дека е усвоена иницијатива за склучување на „Протоколот меѓу двете влади за спроведување на Договорот меѓу Владата на Република Косово и Владата на Република Северна Македонија за заедничките гранични премини Генерал Јанковиќ – Блаце и Глобочица – Јажинце“.
Според соопштението, усвоена е и иницијативата, за „потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за економија на Република Косово и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, во секторот енергетика во согласност со нивните политики и стратегии“.
Делегација на македонската Влада се очекува утре претпладне да допатува во косовскиот главен град. По билатералната средба на премиерите Албин Курти и Христијан Мицкоски предвидени се билатерални средби меѓу министрите (колеги) на двете влади, а потоа ќе се одржи меѓувладината седница, по што ќе бидат потпишани предвидените договори. Најавена е и заедничка прес-коференција (во 13.45) на премиерите Курти и Мицкоски.