Владата молчи за законот за обложувалниците, АСОМ пак реагира


 

Не е јасно што ќе стане со новиот предлог-закон за игрите на среќа и забавните игри. Законот кој во минатата власт го туркаше ДУИ, а сегашниве владини партнери беа остро против, сега стана проект на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ и тие не сакаат да разговараат со засегнатата страна, Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), пред сѐ за судбината на 10.000 вработени во овој сектор.

„Владата упорно избегнува да се соочи со фактите кои се неизбежни. Прво, 10.000 вработени во овој легален бизнис ќе останат на улица. И второ, затворањето на целата легална индустрија за игри на среќа ќе значи единствено развој на нелегално, нерегулирано и небезбедно играње. Крајниот резултат од оваа владина одлука ќе биде проширување на нелегалниот бизнис, државата ќе изгуби милиони евра приходи, а контрола врз пазарот повеќе нема да постои“, велат од АСОМ во својата реакција.

Носењето на законот, без консултација со индустријата, претставува директна закана не само за 10.000 работни места во нивниот сектор, туку и опасност за уште 50.000 работни позиции во поврзани индустрии.

Дополнително, од Асоцијацијата наведуваат дека државниот буџет ќе изгуби над 280 милиони евра годишно, што се генерираат преку лиценци, такси и други даночни приходи од оваа индустрија.

Од АСОМ посочуваат дека Владата со своите чекори не ја зајакнува економската стабилност, туку отвора простор за зголемување на нерегулираниот и небезбеден пазар. Воедно, повикуваат на итна и транспарентна јавна расправа за да се најде прифатливо законско решение за сите страни.