Владата ќе прави економски зони за производство на оружје и воена опрема
Станува збор за илјадници милијарди долари кои што на годишно ниво ќе се трошат и би било наивно ние како држава да не го препознаеме сето тоа и да не обезбедиме таков тип на посебни зони за производители на воена опрема и оружје, рече Мицкоски

Владата ќе развива нов модел на привлекување странски директни инвестици со кој што ќе се обиде да доведе во земјава компании од воената индустрија. Ова денес во Собранието го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на пратеничко прашање за странските директни инвестиции рече дека такво нешто веќе се разгледува од страна на Владата. Одговарајќи на прашање за делот на енергетиката, пак, Мицкоски најави дека „голем светски бренд“ ќе ја купува електричната енергија која што ќе ја произведува „Алказар“ во ветерниот парк кој допрва треба да се изгради.
„Заедно со Министерството за одбрана и со Министерството за внатрешни работи ќе се обидеме да развиеме нов модел на привлекување странски директни инвестиции во воената индустрија“, рече Мицкоски.
Ваквиот пристап тој го образложи со сигналите кои што доаѓаат од НАТО и од воената индустрија, дека пазарот на оружје драматично ќе доживее развој бидејќи се зголемуваат трошоците во делот на одбраната.
„Тука станува збор за илјадници милијарди долари кои што на годишно ниво ќе се трошат и би било наивно ние како држава да не го препознаеме сето тоа и да не обезбедиме таков тип на посебни зони кои би биле подготвени за производителите да произведуваат воена опрема и оружје“, рече Мицкоски објаснувајќи дека станува збор за зони кои што ќе бидат подготвени да прифатат инвеститори кои што ќе инвестираат во воена опрема и оружје.
Тој посочи дека веќе има разговори со неколку такви потенцијални инвеститори кои што ја препознавале земјава како потенцијален домаќин.
„Ние како влада сакаме да креираме, да определиме неколку такви локации каде што ќе равиваме ваков тип на зони со што драматично ќе се влијае на растот на БДП“, додае Мицкоски.
Како што посочи, инпутот односно увозот ќе биде многу помал од извозот бидејќи извозот на ваков тип на опрема и производи е со голема додадена вредност, што на крајот влегува во БДП
„Условно кажано, ако имаме 200 -300 милиони увоз, извозот би бил над една милијарда, односно бруто позитивата ќе биде многу на наша страна“, рече премиерот.
Тој исто така објасни дека намерата на Владата е да ги диверзифицира индустриите во кои што се инвестира во земјава, односно покрај стандардното портфолио во автомобилската индустрија, да се прошири во во други сегменти, пред се во делот на фармацијата, односно медицината, енергетиката и воената индустрија.
„Се обидуваме во медицината бидејќи населението во Европа старее, а тоа значи дека има потреба од палијативна нега, зголемени медицински услуги, така што во тој дел се насочуваме да привлекуваме компании за производство на медицинска опрема стентови, и тн., рече Мицкоски.
Тој исто така посочи дека се важни и нвестициите во енергетиката, пред се воделот на производство на батерии, што, како што рече е иднина на енергетиката, односно инсталирање на батерии кои што се важни за складирање на електричната енергија, за што исто така се прават сериозни анализи.
Така што портфолиото на странските инвестиции, покрај автомобилската индустрија би се состоело и од инвестиции во воена опрема, оружје, медицинска индустрија и батерии.
Во однос на домашните инвеститори, Мицкоски рече дека го радува податокот за порастот на кредити кои што ги земаат домашните компании за инвестиции и кој во првиот квартал бил за 11,8 отсто повече од лани, а во исто време ЕУ бил зголемен за 2,5 проценти.
„Тоа покажува дека има интерес и за домашните инвеститори, а тоа е во најголема мера резултат на унгарскиот кредит и поволните камати“, рече Мицкоски.
Одговарајќи на прашање за делот на енергетиката, Мицкоски најави дека „голем светски бренд“ ќе ја купува електричната енергија која што ќе ја произведува Алказар во ветерниот парк кој допрва треба да се изгради.
„Можеби некј не успеа да ги доведе во минатото Гугл и Фејсбук, но многу веројатно еден голем светски бренд, ќе оставам самите тие до крајот на август да го кажат, ќе користи електрична енергија произведена од овој ветерен парк, од македонски ветер“, рече Мицкоски, додавајќи дека биле во завршна фаза на преговори.
„Кога зборувам за голем светски бренд, тие се во својата индустрија во првите три во светот“, додаде премиерот, додавајќи дека „ќе користи електрична енергија произведена од овој ветерен парк од македонски ветер“.
Тој додаде дека им сугерирал на инвеститорите во делот на 300-те хектари земјиште кое што го имаат под концесија да инсталираат и соларни панели и батерии, и тогаш електричаната енергија нема да биде само од ветер туку ќе има хибриден систем кој што ќе користи и ветер и сонце и ќе ја складира енергијата.
Тој се осврна и на најавите за странски директни инвестици во постојните зони.
„Од она што го имаме како информација, осум инвестиции до крајот на годината се потврдени, или отпочнуваат или ќе потврдат дека ќе почнат со инвестиции кај нас“, рече Мицкоски додавајќи дека една компанија ќе ја зголеми својата инвестиција во фармацевтскиот бизнис за 60 проценти, а друга за производство на електрични батерии.
„Истовремено очекувам и неколку инвестиции кои ќе ги направат компаниите кои се веќе присутни, очекувам најмалку три кои ќе го зголемат извозот најмалку за дополнителни половина милијарда долари“, рече премиерот.
Мицкоски исто така рече дека очекува бранот странски инвестици да се засили откако Владата ќе ги заврши преговорите со САД во делот на трговијата помеѓу двете земји.