Владата ќе поддржи договор за минималната плата, ако се договорат работниците и работодавачите

Владата ќе поддржи договор за минималната плата меѓу работодавачите и работниците, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека во втората половина на март би можела да се одржи нов состанок на Економско социјалниот совет.
– И секој оној договор, којшто тие ќе го постигнат, ние како Влада ќе го поддржиме. Предлогот, којшто го слушнав од еден од претставниците на работниците, конкретно претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија се разликува од оној предлог од пред неколку месеци, кога оваа Влада беше избрана како Влада. Не почекаа ниту една недела да биде избрана излегоа со предлогот 400 евра минимална плата. Сега кога видоа дека законски ќе дојдеме до 400 евра се бара минимална плата од 500 евра. Еве јас велам ни 500 евра не се доволни, можеби треба 1.000, можеби треба 2.000 и тука немам никаква дилема. Јас апсолутно сум работник, како и сите други работници и сакам сите ние да имаме поголеми плати, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка инсистирале на зголемување на старосната граница за пензионирање, но тие како Влада одлучиле да ги заштитат правата на работници и граѓаните.
– Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка бараа зголемување на прагот на данокот на додена вредност. Ние одлучивме да го штитиме стандардот на граѓаните и да застанеме во одбрана на стандардот на граѓаните. Влеговме во безмилосна борба со оние коишто се богатат на грбот на граѓаните, трговците, дистрибутерите, трговските ланци, каде што ги ограничивме маржите и на дистрибутивната маржа и на маржата во малопродажба, рече Мицкоски.
Истакна и дека обезбедиле 250 милиони евра за стопанството, во Европа најевтин кредит со каматна стапка од 1,95%, за да бидат зачувани работните места и да се создадат и да се креираат нови работни места.
-Мене ме радува фактот што од тие 250 милиони, информациите коишто ги добивам проектите коишто нашето стопанство ги генерира веќе се до половина милјарда евра и наместо 5.000 нови работни места, веќе сме до 10.000 нови работни места. Во јануари 5% е раст извозот, во 2024 држава сме со најголем број странски инвестиции по глава на жител на Балканот и меѓу трите во Европа, рече Мицкоски.
Тој посочи дека имаме за 8,5% поголеми приходи, за 3,5% помали расходи во буџетот во јануари годинава, потоа имаме раст на кредитирањето од 11,7% во јануари.
-Двоцифрен раст од којшто 13% е за индустријата, а се уште не почнале да се користат унгарските средства итн,итн. Ние како Влада ќе сториме се да обезбедиме вистински услови за водење бизнис, а тоа подразбира чесна работа, борба против криминалот и корупцијата е се што во интерес на граѓаните согласно законот и Уставот. Да сумирам тоа што ќе го договорат работниците и работодавачите, ние ќе го почитуваме. Во меѓувреме имаме јасен Закон и ќе постапиме согласно законот, изјави Мицкоски, кој беше на настан во Центарот за обука на полицијата.
Прашан дали од април ќе биде минималната плата од 400 евра, Мицкоски со потврден одговор дека согласно законот, ако нема поинаков договор помеѓу работниците и работодавачите таа ќе изнесува околу 24.400 денари.