Владата ја раскина концесијата за хидроцентралата на Блатешница,


Владата на седница на 30 јуни донела одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија за изградба на мала хидроцентрала на реката Блатешница. Одлуката излезе во Службен весник на 3 јули, а денеска за неа објави градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски, според кој е извојувана значајна победа за жителите на село Блатец.
„Во втората половина на февруари, со официјален допис го известив инвеститорот дека Одобрението за градење на хидроцентралата на реката Блатешница, согласно член 68 став (1) од Законот за градење, престанало да важи на 13.08.2025 година. Воедно го предупредив дека доколку преземе какви било градежни дејствија по престанокот на важноста на одобрението, истите ќе се сметаат за бесправно градење, односно бесправна градба, и ќе претставуваат основ за поведување соодветни постапки согласно важечките законски прописи“, соопшти денес Костадиновски, заедно со фотографија од објавената одлука од Службен весник.

Како што вели тој, за сето ова со посебен допис го известил и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со цел оваа околност да биде земена предвид при одлучувањето за евентуално продолжување на договорот за концесија.

„Денес е извојувана уште една значајна победа за жителите на село Блатец. Со Одлука на Владата на Република Македонија, еднострано е раскинат и договорот за концесија, со што се заокружува уште еден важен чекор во заштитата на јавниот интерес и природните вредности на овој простор“, соопшти градоначалникот.

Според одлуката, инвеститорот „Енерџи лукс“ од Кочани има 30 дена можност да се жали пред Управниот суд.

Инаку, за случајот со хидроцентралата на стартот на годината се активираа иницијатите „За чисто Блатец“ и „Зелена народна стража“, а беше отворена и петиција. Освен стопирање на изградбата на хидроцентралата, локалците бараа да се спроведе независна и целосна еколошка и хидролошка студија.

Исто така, бараа институциите да гарантираат заштита на водоснабдувањето, како и да вложат во одржливи и еколошки прифатливи алтернативи.

Од компанијата „Енерџи лукс“, пак, во нивните соопштенија тврдеа дека проектот се реализира врз основа на важечка концесија и соодветна документација издадена од надлежните институции, како и дека сите постапки се водат во рамки на законските процедури и еколошките стандарди.