Владата ја испраќа Маја Кадиевска-Војновиќ за претставник во Светска банка во Вашингтон
Владата ја испраќа Маја Кадиевска-Војновиќ како свој кадар за помошник во Канцеларијата на извршниот директор и претставник на конституенцата во Светска банка во Вашингтон, дознава „Фактор“.
Во суштина македонскиот кадар што оди како советник во Канцеларијата на извршниот директор на Светска банка во Вашингтон се номинира од македонската страна, односно преку државните институции, пред сè Министерството за финансии и Владата, согласно договорената ротација во конституенцата. Владата го номинира македонскиот претставник кога според ротацијата на Северна Македонија ѝ следува позиција во Канцеларијата на извршниот директор во Вашингтон, а формалното ангажирање се реализира во рамките на Светска банка.
Маја Кадиевска-Војновиќ е македонски економист и финансиски експерт, како и поранешна вицегувернерка на Народната банка од 2011 до 2018 година. Била задолжена за Секторот за операции на финансиските пазари и платните системи.
Кон крајот на минатата година Маја Кадиевска-Војновиќ беше предложена за нов член на Управниот одбор на Стопанска банка Битола, но изборот по кратко време беше стопиран.
Досега македонски претставници на Владата во Светската банка во Вашингтон биле Хари Костов во 1995–1996 и Нина Фити-Неделковска во два мандата: август 2018 – септември 2020 и август 2022 – септември 2024.