Владата ја дополни одлуката за забраната и посебен режим на движење за економските оператори што вршат извоз, увоз или транзит на стока


Владата на Република Северна Македонија денеска на седница донесе заклучок во однос на исклучоците кои се однесуваат на дозволите за време на забраната и посебен режим на движење за економските оператори што вршат извоз, увоз или транзит на стока, за кои ќе биде дозволено нивното движење доколку за стоката е издаден транспортен документ Т1 или ТИР карнет, или пак, извозен придружен документ ИПД, соопштија од прес службата на Владата на РСМ.

– На денешната седница е донесена и препорака за дообјаснување на делот од одлуката на Владата кој се однесува за дозволениот период за движење/транзитирање на транспортерите, со што се посочува дека за овие економски оператори важат претходно воспоставените правила, односно транзитниот период се определува од три до пет часа и го одредува граничниот службеник врз основа на изјавата на економскиот оператор за транзитирање низ земјата, од влезен граничен премин до излезен граничен премин, информираа од Влада.