Владата ќе го зголемува минималецот за 2.200 денари и ќе изнесува 24.400 денари
Законски, износот на минималната плата треба да се утврди на Економско-социјалниот совет, а тој во моментов е парализиран

Минималната плата за март оваа година, што ќе се исплатува од април, ќе изнесува околу 24.400 денари, односно за околу 2.200 денари повеќе во однос на досегашната. Ова денес го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашања на новинарите по поставување на камен темелник на мега-паркот со плоштад во населба Радишани.
Тоа значи дека, барем засега, паѓа во вода барањето на Сојузот на синдикати за минимална плата од 500 евра, но останува нејасно и како ќе се донесе одлука за минималната плата според постојниот закон, бидејќи во него се вели дека и за законското усогласување е потребно мислење на Економско-социјалниот освет, кој во моментов практично е парализиран, бидејќи сѐ уште не е утврдена репрезентативност на синдикатот.
Запрашан кога ќе биде закажана седницата на Економско-социјалниот совет и дали ќе се разговара за минималната плата, бидејќи е веќе 25 март и треба да се одреди висината на минималецот, Мицкоски рече дека за денес е закажана владина седница на која ќе стане збор и за ова прашање.
„Јас разговарав со министерот за економија и труд, денеска ќе поминеме информација согласно законот, мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24.400 денари, така е според законот. Сега немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам тој што ќе биде или тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците, заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние рековме тој консензус што ќе го постигнат ние ќе го почитуваме“, рече Мицкоски, појаснувајќи дека зголемувањето што ќе се исплати со мартовската плата што ќе се исплати во април ќе изнесува отприлика 2.200 денари повеќе во однос на сегашната минимална плата.
Запрашан, што доколку работниците и работодавачите постигнат договор во април или мај за поголем износ на минималната плата, тој рече: „Нема проблем, ние ќе го промениме законот и ќе влеземе во дополнително нивелирање“.
Инаку, според постојниот Закон за минимална плата, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за март секоја година се усогласува со: 50% од порастот на просечно исплатената нето плата во Македонија за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика, и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Исто така, се вели дека висината на минималната плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Но исто така, во законот има и одредба во која се посочува дека министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со исплатата на платата за март во тековната година, што во овој случај, не е сторено, бидејќи во Економско-социјалниот совет сѐ уште нема одредено кој синдикат ќе учествува поради тоа што не е определена репрезентативност на синдикатот.
И министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши не е целосно прецизен како ќе се донесе таква одлука без мислење на Економско социјалниот совет.
Запрашан денеска на прес конференција како ќе се зголеми минималната плата кога договор на Економско социјалниот совет немаше, репрезентативност на синдикатите се уште нема, и по кое мислење и по кој предлог ќе се утврдува повисоката минимална плата Дурмиши рече дека има закон кој е во сила и за кој синдикатите и работодавачите се усогласиле за начинот на зголемување на минималната плата, која треба да се определи до крајот на овој месец, како и дека се прават пресметките и се утврдува минималната плата.
„Комисијата за утврдување на репрезентативност на синдикатите веќе е формирана минатата недела на седница на влада, тие почнаа да работат за да се одбере кој синдикат исполнува услови за да биде репрезентаивен. Веднаш ќе го свикаме Економско социјалниот совет каде што ќе го отвориме како тема прашањето за минимална плата, а ако се договорат за друг износ на минималната плата ние ќе бидеме таму за да им помагаме на двете страни“, рече Дурмиши.
Тој додаде дека, сега за сега, согласно законот кој е во сила, треба до крајот на овој месец да се утврди минималната плата, иако „ситуацијата ни е без репрезентативност на синдикатите“.
„Мислам дека многу брзо ќе се утврди репрезентативност на синдикатот, комисијата има работа бидејќи треба да се проверат многу документи, но таа комисија е веќе формирана и веќе работат во оваа насока“, рече Дурмиши.
(М.Ј.)