Владата го враќа во игра законот на ДУИ за обложувалниците, АСОМ остро реагира


 

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) најостро реагира на Предлог на Закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој Владата го усвои вчера, и бара тој веднаш да се стопира и да не се проследува до Собранието. Од АСОМ велат дека донесувањето на ваков закон по скратена постапка, без вклучување на засегнатите страни и без јавна расправа, „претставува повторување на катастрофалниот пристап кој го имаше и претходната влада“.

АСОМ додава:  

„Владејачката коалиција предизборно калкулира и за евтини политички поени во своите математики ја вклучи и индустријата за игри на среќа, која е најрегулираната гранка во државата. Со овој предлог-закон се загрозуваат над 10.000 директни работни места и повеќе од 50.000 индиректни во индустрии поврзани со игрите на среќа, а државниот буџет ќе изгуби повеќе од 280 милиони евра годишно. Ова ќе значи уништување на целата легална индустрија заради краткорочни политички поени пред избори.

Овој закон не само што нема да ги заштити граѓаните од евентуални штетни последици од игрите на среќа, туку целосно ќе ги стави во ризик. Со затворање на легалната индустрија, преку ноќ ќе се отворат стотици нелегални казина и обложувалници, како што тоа беше во деведесеттите. Овој закон целосно ја дерегулира една од најрегулираните индустрии во државата, ги става играчите во ризик и ја враќа државата години наназад.

Прво, овој предлог-закон предвидува оддалечување од 500 метри на објектите за игри на среќа од училиштата, исто како и претходниот закон. Ова во пракса значи затворање на објектите и ништо друго. Понатаму, факт е дека никаде во светот ваков закон не постои, ниту има докази дека тоа ќе значи некаква заштита за малолетниците.

АСОМ остро се спротивставува на предложената законска измена со која се монополизира приредувањето на интернет игри на среќа и со која исклучиво право за нивно приредување ѝ се доделува на државата.

Ја информираме јавноста дека АСОМ со сите расположливи капацитети и ресурси ќе се бори против штетниот закон кој ги става граѓаните во ризик и уништува легална индустрија на сметка на нелегалната. Не исклучуваме и масовни протести ако Владата не покаже слух и не го повлече законот за заеднички да седнеме на маса и донесеме функционален и европски закон, нешто што АСОМ со години го бара“.