Влада: Сугарески е нов директор на Царината


Владата на денешната седница го именува Горан Сугарески за директор на Царинската управа.

Тој е поранешен пратеник, министер и функционер на СДСМ.

Во периодот од 2008 до 2016 година бил пратеник во Собранието на Македонија. Во текот на пратеничкиот мандат, Сугарески бил член на парламентарната делегација за соработка со НАТО, на комисиите за прашања за избори и именувања, за одбрана и безбедност и на Законодавно-правната комисија, како и заменик-член на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во периодот од 2013 до 2015 година бил заменик-координатор на пратеничката група на СДСМ, а потоа станал и координатор до 2016 година.

Сугарески во претходниот мандат на Владата ја извршуваше функцијата министер за транспорт и врски.

На денешната 38-ма седница на Владата донесени се уште неколку кадровски решенија.

Исамедин Азизи, научен соработник – доцент во Институтот за национална историја, е именуван за член на Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. 

За в.д. заменик директор на Дирекцијата за заштита и спасување е именуван Зулфикар Зејнулаи, а за в.д. директор на Државниот управен инспекторат е назначена Кети Василевска.

Владата ја прифати и оставката на досегашниот директор на Националниот парк Галичица, Васко Паскали и на негово место го назначи Александар Миљовски. 

На владината седница е разгледана и оставката на директорот на Агенцијата за енергетика Нехри Емрула со препорака до Управниот одбор на институцијата да го разреши и за вршител на должноста да го назначи Дарио Никловски.

Донесена е и одлука да му се препорача на Управниот одбор на јавното претпријатие Студенчица да го разреши директорот Урим Ахмети и на негово место да ја именува Ардита Дани.