Влада: До сега подготвени 56 проектни документации за капитални инвестиции и проекти


Фото: Б. Грданоски

Владата ја усвои информацијата на Министерството за локална самоуправа за конкретни активности за финансирање на капитални проекти во општините, за кои владата согласно својата програма има план да инвестира 250 милиони евра.

За 2024 година на располагање на општините се 6 милијарди денари кои се обезбедени со новиот ребаланс.

Досега Министерството за локална самоуправа преку партнерство со УНДП и Шведската амбасада подготви 56 проектни документации за капитални инвестиции и проекти, од кои 54 за општински проекти и два проекти за планските региони. Седумнаесет се од областа на комунална, транспортна и бизнис инфраструктура,15 од социјалната инфраструктура и 22 од водоводната инфраструктура и заштита на животната средина. Владата го задолжи министерството да формира Комисија за оценка на предложените проекти.

Владата ја усвои информацијата за користење на IPA II и IPA III програмите. Беше прифатен оперативен план за подобрување на капацитетите на институциите и осигурување дека целосно се користат можностите што ги нудат европските фондови. Финансиската анализа за искористеноста на ИПА фондовите по години е крајно поразителна. Досегашната анализа укажува на неискористени десетици милиони евра за капитални инвестиции од ЕУ фондовите. Планот опфаќа поефикасна искористеност на средствата и нивно ставање во функција.