Влада: Арсовска да ги плати автобусите на Шилегов, таа тврди дека се исплатени


Фото: Б. Грданоски

Откако скопската градоначалничка Данела Арсовска побара од Владата да набави нови автобуси за јавниот превоз во Скопје, од таму денеска ѝ одговорија дека на скопјани им треба брзо решение за излез од состојбите, а тоа што таа го бара е процес на набавка на автобуси што трае година до година и пол.

Од Владата побараа и Арсовска да им ги исплати парите што им ги должи на приватните превозници.

„Пред Данела Арсовска да нуди дека парите за нови автобуси ќе ги ставела на посебна сметка, прво нека си ги плаќа ратите за автобусите кои ги набави Шилегов, за да не ѝ ги плаќа Владата како што плаќа досега. Второ, Данела Арсовска треба да ги исплати парите кон приватните превозници кои им ги должи, а со чие функционирање се пополнува празнината на ЈСП со градскиот сообраќај“, велат од Владата.

Во четвртокот, Арсовска испрати писмо до премиерот Христијан Мицкоски во кое го замолува да престане со блокадата и сам да набави нови автобуси доколку не сака тоа да биде преку Град Скопје. Ден претходно советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа да се набават нови автобуси. За одлуката гласаа сите останати советнички групи, но без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Советот.

Арсовска пак тврди дека парите за автобусите на Шилегов се префрлени во Министерството за финансии, а дека приватните превозници ќе возат во понеделник, освен оние кои се „политички мотивирани од ВМРО-ДПМНЕ да креираат дополнителен хаос за скопјани“.

 „Имено, ратата за кредитот со кој ВМРО-ДПМНЕ и Шилегов набавиле автобуси е платена во текот на изминатата недела. Од сметката на Град Скопје префрлени се средства на Министерството за финансии. Втората лага е дека нема да возат приватните превозници. Имено, од трите пакети со кои оперираат приватни превозници нема да возат само оние автобуси чии претставници се политички мотивирани од ВМРО-ДПМНЕ да креираат дополнителен хаос за скопјани, а за кои градот Скопје отпочна постапка за надомест за штета. Со ова повторно се докажува намерата на оваа власт за предизвикување на хаос врз грбот на граѓаните на градот Скопје“, стои во реакцијата од Град Скопје.
 
Инаку, вчеравечер, приватните превозници најавија дека од понеделник ќе возат само еднаш наутро и дека ќе биде пуштен по еден автобус на една линија. Тие бараат исплата на долгот кон нив и зголемување на цената за превоз, која како што велат, е ниска и е од 2017 година.