Вјоса Османи ги нарече „расистички“ изјавите на ЕУ за мостот на Ибар


Претседателката на Косово, Вјоса Османи, порача дека Косово не треба да ја прашува Србија за отворање на мостот на територијата на Косово и дека не треба да прифати тоа прашање да се разговара во бриселскиот дијалог. Според неа, последните изјави на Европската унија (ЕУ) на оваа тема се „расистички“ и во тој поглед треба целосно да се координираат со САД.

„Што се однесува до Европската Унија, изјавите на нејзините функционери се расистички, не верувам дека заслужуваат внимание од моја страна. На секој начин се спротивставувам на дискусијата за отворање на мостот во Брисел. Нема што да бараме од Србија. “, рече таа.

Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, во средата, на 14 август, рече дека сугестиите дека ЕУ е против отворањето на главниот мост на реката Ибар или дека ја променила својата позиција на оваа тема се погрешни. 

„Добрата администрација ја разбира чувствителноста на малцинството. На следниот состанок во Брисел ќе разговараме како да го спроведеме договорот за отворање на мостот“, рече Лајчак.

Османи на тоа реплицираше дека „исто како што нему не  му треба дозвола од соседните држави за да помине преку мост во неговата родна Словачка, Србија не треба да има збор за мост во Косово“.

Овој мост, кој ја дели Јужна Митровица со мнозинско албанско население од Северна Митровица со српско мнозинство, е отворен за пешаци, но не и за автомобили. Косовскaта претседателка исто така, во четвртокот рече дека Косово мора да се погрижи мостот на север да биде отворен на начин што нема да предизвика конфликт со сојузниците на земјата, ниту да го зголеми присуството на мисијата на НАТО во Косово, КФОР.

„Мостот мора да се отвори, но мораме да внимаваме кога ќе се отвори секогаш да биде отворен, а не кога ќе се отвори да поттикнува многу поголемо присуство на НАТО на него. Дали е во интерес на Косово да види конфликт меѓу косовската полиција и американските војници? Не верувам дека има Албанци кои се согласуваат со ова. Ние немаме причина да се судриме со сојузниците, тие не спасија“, рече таа.

Владата на премиерот Албин Курти инсистира на отворање на мостот за сообраќај на возила и покрај постојаното противење на меѓународната заедница и локалните Срби. Американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер во вторникот во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека постои реален ризик отворањето на мостот во Митровица во овој момент да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, вклучително и на американските.

„Ние веруваме дека овој ризик ја зголемува заканата, можноста за насилство и други проблеми, како за локалната заедница, така и за војниците на НАТО, вклучително и американските војници кои работат на обезбедување мир и безбедност на Косово“, рече Ховениер.