„Визер“ значајно ќе ги намали летовите од и до Унгарија поради забраната за влез на странци


„Визер“ (Wizz Air) остро ќе ги намали неделните летови до и од Унгарија од 7 септември, соопшти авиокомпанијата, откако унгарската влада објави дека ќе забрани влез на странци со цел да се обиде да се спречи проширување на заразата со корона вирус, јави Ројерс.

Унгарија во петокот објави дека ќе ги затвори своите граници за странците од 1 септември за да го спречи порастот на инфекциите, а Унгарците кои се враќаат од странство ќе треба да одат во карантин.

Во соопштението на „Визер“ се вели дека ќе извршува 32 лета неделно меѓу 7 и 30 септември, што е помалку од околу 126 летови во периодот од 1-6 септември.

Во неделата, Унгарија забележа 292 нови инфекции, што е најголем дневен број од почетокот на пандемијата. Унгарија има вкупно 5.961 случаи на корона вирус и 614 починати.

„Од 7 септември до 30 септември може да се очекува поголемо намалување на летовите, а само најпопуларните правци ќе останат достапни за патниците“, велат од авиокомпанијата.

Нискобуџетната авиокомпанија, која во последните години се прошири од источна во западна Европа, беше една од авиокомпаниите која што најбрзо закрепна од кризата со КОВИД-19.

„Визер“ минатата недела предупреди дека закрепнувањето може да запре бидејќи предупредувањата и ограничувањата поради КОВИД-19 го попречуваат патувањето низ Европа, но соопшти дека карантинските правила на Велика Британија не ја натерале да ги преиспита долгорочните планови за проширување таму.