Високите температури загрозувачки за сите земјоделски култури, наводнувањето неопходно


Високите температури кои деновиве на некои места надминуваат 40 степени, се загрозувачки за сите земјоделски култури. Предизвикуваат поизразено губење на почвената влага, а растенијата се принудени интензивно да транспирираат.

Како што велат агрометеоролозите, при недостиг на вода во текот на растот и развојот на културите може да дојде но намалување на приносот и квалитетот и затоа, наводнувањето е неопходно.

-Повеќето култури, како овошките, се во фаза на берба. Јаболкото припаѓа на групата култури со најголема потрошувачка на вода и е во фаза на појава на зрели плодови, а целиот вегетациски период му е осетлив на недостиг на вода. Летните сорти круша се во фаза на берба, тие имаaт помала потрошувачка на вода, но и по бербата треба да се наводнуваат заради формирање родни пупки за идната година. Некои сорти винова лоза се во фаза на зреење и недостигот на вода може директно да влијае на синтезата на шеќер, ароматичните и други материи, објаснуваат агрометеоролозите.

Според нив, градинарските култури кои се во интезивен раст и берба, исто така имаат потреба од вода.

-Секоја култура во својот развој има потреба од вода и секој недостиг на вода во овие фази силно се одразува на приносот. Затоа, приоритет на земјоделските производители треба да биде снабдување на земјоделските култури со потребното количество вода, а треба да се продолжи и со грижата и примената на сите потребни агротехнички мерки. Со правилен режим на наводнување се постигнуваат поголеми приноси, напоменуваат агрометеоролозите.

Под влијание на топол бран до утре времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Дневната температура насекаде ќе биде над просекот за јули и во одредени региони ќе достигне 43 степени.

УХМР за недела најавува локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. И температурата ќе биде во опаѓање.