Високите цени на горивата ја поттикнаа продажбата на електрични автомобили
Продажбата на електрични автомобили забрза во јули на повеќето европски пазари, поттикната од високите цени на горивото, владините субвенции и зголемената понуда на подостапни модели, покажаа податоците доставени до Ројтерс.
Растот на интересот за електрични возила дополнително се забрза по почетокот на војната со Иран во февруари, што доведе до зголемување на цените на нафтените деривати.
Меѓутоа, во автомобилската индустрија се поставува прашањето дали интересот на потрошувачите ќе ослабне доколку цената на нафтата повторно падне, додека недостатокот на јавни станици за полнење продолжува да го попречува ширењето на електричните возила.
Според податоците од индустријата, продажбата на електрични возила во Европската унија се зголемила за 40,5 отсто во првите шест месеци од оваа година, на повеќе од 1,2 милиони автомобили, така што тие учествуваат со 20,7 отсто од вкупната продажба.
Податоците од истражувачката група New Automotive и E-Mobility Europe Association покажуваат дека регистрациите на електрични возила во јули пораснале за 13 отсто на годишно ниво на 16 пазари кои сочинуваат повеќе од 90 отсто од продажбата на автомобили во ЕУ и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА). Електричните возила на овие пазари сочинуваат 25,7 отсто од сите нови автомобили.
Франција е меѓу пазарите каде што растот е особено изразен. Уделот на електричните возила во новите регистрации во јули достигна рекордни 35 отсто по започнувањето на програмата за субвенциониран „социјален лизинг“ за клиенти со помали приходи, додека една година претходно беше 17 отсто. Во првите седум месеци нивниот удел достигна 29 проценти.
Производителите на автомобили, вклучително и традиционалните европски компании и кинеските конкуренти, сè повеќе нудат модели со подостапни цени, поддржани од владини субвенции.
Во Велика Британија, електричните возила сочинуваа повеќе од половина од нарачките на Рено во јули, а Рено 5 беше најпродаваниот електричен автомобил во земјата. Компанијата кон крајот на годината ќе започне и со продажба на електричното Твинго чија почетна цена ќе биде пониска од 20.000 фунти, пред евентуални владини субвенции.
Сличен тренд е забележан и на пазарот на половни автомобили. Интернет платформата OLX објави силен раст на барањата за електрични возила во Франција, Романија, Португалија и Полска од почетокот на војната со Иран, при што кинеските марки со поприфатливи модели земаат сè поголем дел од понудата, пренесува СЕЕбиз.