Викотници и пцуење на „Диво насиље“
Осудените сметаат дека пресудата била режирана од тогашниот премиер Никола Груевски и неговиот коалициски партнер, лидер на ДУИ, Али Ахмети.
„За нас не постои судот. Адвокатите не постојат за нас“, рекоа дел од осудените, кои најавија суспендирање на адвокатите кои ги бранат.
Инаку, Апелацискиот суд Скопје денеска и утре ќе ги разгледува жалбите на 33-та осудени лица за терористичкиот акт во кумановската Дива населба што се случи пред четири години.
Со првостепената пресуда донесена во 2017 година седуммина добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 години, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години затвор. Четворица добија ослободителни пресуди. Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.
Во вооружената престрелка на 9 и 10 мај беа убиени осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а беа повредени 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба. На страната на терористите на самото место беа пронајдени 10 мртви тела во униформи. По извршената обдукција, беше потврдено дека се убиени девет косовски и еден македонски државјанин.(Ф.Ф.)