Викерс: Ќе продолжиме да градиме уште посилни трговски врски со Северна Македонија


Ќе продолжиме да градиме уште посилни трговски врски, а меѓу секторите за проширување на партнерствата се проектите за обновливи извори на енергија, инфраструктура, животна средина и управување со отпад, како и алтернативни и зелени финансии, најавува Мартин Викерс, трговски претставник на премиерот на Обединетото Кралство за Западен Балкан во Северна Македонија.

Во тек на тридневната посета на државава Викерс се сретна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за надворешни работи Бујар Османи, за финансии Фатмир Бесими и за транспорт и врски Благој Бочварски,  како и со замениците министрите Христина Оџаклиеска и Зоран Маневски, а ги посети најголемите британски бизниси во земјата, Џонсон Мети и рудникот САСА.

Според Викерс, трговските односи и обемот меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија се меѓу најдобрите во Западен Балкан. Северна Македонија, истакнува, е наш најголем трговски партнер и ние сме заинтересирани да ги зајакнеме овие врски и да продолжиме да работиме со Владата за подобрување на деловната клима.

Како што наведува во видеопорака, Обединетото Кралство ги зголемува своите трговски активности и се фокусира на изнаоѓање различни комерцијални можности во Западен Балкан.

-Континуирано се трудиме да го надградиме Договорот за партнерство, трговија и соработка и дополнително да ги развиваме економските односи помеѓу нашите две земји. Ја охрабруваме трговијата преку промовирање на можности за извоз, индустриска способност и експертиза. Привлекуваме и поддржуваме инвестиции од двете страни, како и преку екосистемот за директни странски инвестиции на Обединетото Кралство. Работиме на намалување на бариерите за извозниците и инвеститорите преку процедурална помош и поддршка, наведува Викерс.

Тој потенцира дека британските инвестиции во Северна Македонија се меѓу најзначајните и најуспешните деловни потфати во земјата, кои го предводат патот преку економските резултати, доброто владеење и корпоративната и општествената одговорност.

-Проектите за обновливи извори на енергија, инфраструктура, животна средина и управување со отпад, како и алтернативни и зелени финансии – се само неколку од секторите од кои што ние би можеле да имаме корист како резултат на проширувањето на нашите партнерства, и во кои што Обединетото Кралство има значително искуство и лидерски способности во светот, вели Викерс.

Посочувајќи дека Обединетото Кралство ја поддржува Северна Македонија во диверзификацијата на снабдувањето со енергија потсетува дека преку Фондот за добро владеење ја поддржале Владата во развојот на енергетска стратегија која и овозможи на државава да дојде до #COP26 со амбициозни национално определени придонеси.

-Продолжуваме активно да ја прикажуваме експертизата и способноста на британската индустрија на релевантните проекти и засегнатите страни во земјата, ја промовираме Британија како повластен трговски и инвестициски партнер на Северна Македонија и го промовираме Секторот за гарантирање на извозни кредити како активен партнер во финансирањето на развојните проекти во земјата и поттикнувањето на нашата билатерална трговија. Поблискиот трговски однос може да им даде залет и на нашите економии, да ги зголеми инвестициите и да го подобри животот на сите наши граѓани. Ќе продолжиме да градиме уште посилни трговски врски помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, истакнува Викерс.