Викендов влегуваме во жолта предупредувачка фаза поради високите температури


Во петок (17 јули), како и за време на викендот (сабота и недела 18/19 јули) во Македонија се очекува интензивирање на топлината, но и понатаму без изразен топлотен бран кој би условил екстремно високи температури на воздухот, според метереолозите.

„Времето ќе биде сончево и топло со појава на мала локална облачност а ќе дува и ветер од променлив правец кој повремено ќе засилува на интензитет. Во попладневните часови ќе има услови за локален развој на ковективни облачни грмотевични јадра од кои очекувам појава на краткотрајни поројни врнежи од дожд, појава на грмежи како и засилен ветер.

Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот од 15 до 23 степени, додека максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 33 до 39 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде сончево и топло со појава на мала локална облачност. Повремено ќе засилува ветер од променлив правец. Во попладневните часови во делови од котлината ќе има услови за развој на краткотрајна нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер. Наутро температурата ќе се спушта до околу 20 степени, а максималната температура ќе се искачува до околу 38 степени.

Поради зголемување на интензитетот на топлината, целата територија на Македонија се наоѓа во жолта предупредувачка фаза поради високите максимални дневни температури на воздухот.