(Видео) Прва проба на Евросонг: Тамара го покажа зелениот фустан на Ношпал


Израел- Вчера, на првата проба во „Експо Тел Авив“ Тамара го откри долгиот зелен фустан и сценскиот настап пред второто полуфинале на 16 мај.

Нашата евровизиска претставничка ќе има уште две проби со песната „Proud“ . Сценскиот настап се подготвува во консултација со тим од Шведска.

Поп-ѕвездата изгледа светски во тоалетата на Ношпал која е комбинација на сатен и црн тул. Во Израел Тамара добива само пофални зборови за гласот, а сценскиот настап е замислен со холограми и има динамична кореографија.

-Тоалетите за Тамара за Евросонг ги правев од срце зашто ја знам од дете и знам дека ќе ја претстави нашата држава во најдобро светло. За настапот дизајнирав долг фустан кој ќе биде и едноставен но и гламурозен. Употребив скапоцени материјали, набавени од Германија-свилен сатен дишес од 12 метри и тул. Сите ја пофалија овде, во Тел Авив, зашто е поинаква, ни изјави ексклузивно од Тел Авив дизајнерот Ношпал.

Тамара на црвениот односно портокаловиот ќилим, на свеченото отварање на 12 мај ќе блесне во црна тоалета, исто така, на дизајнерот Ношпал. На евровизискиот настан очекува да се сретне и со Мадона која е специјална гостинка на финалето со две песни, а за свој фаворит ја избра песната „Солди“ на италијанскиот изведувач Mахмуд.

Aвтори на евровизиската песна „Горда“ на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на писателот Коста Петров.

Ова ќе биде четврто учество за Тамара на овој престижен фестивал, но прво како солист. На Евровизија таа првпат беше како придружен вокал на Тоше Проески, во 2004 година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и со Врчак во Белград 2008 година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“, но не се пласира во финалето. Како придружен вокал на Тијана, таа беше и на евровизискиот натпревар во 2014 година во Копенхаген.

Годинашниот евровизиски тим на МРТ го сочинуваат одговорниот уредник на МТВ 1, Анета Андонова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ 1, Мери Попова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ 2, Авни Ќаили и уредникот на Културната програма на МРА 1, Тони Цифровски.

Последниот македонски претставник што избори пласман на евровизиско финале беше Калиопи во 2012 година.

Израелскиот топ-модел Бар Рефаели, ќе го води Евросонг заедно со Ерез Тал, Аси Азар и Луси Ајуб. Логото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.

64. издание ќе има 41 учесник. Бугарија се откажа заради финансии, а потоа и Украина. Во првото полуфинале на 14 мај ќе настап 17 земји, кои заедно со Франција, израел и Шпанија ќе можат да гласаат во ова полуфинале. Во второт полуфинале, на 16 мај, каде сме и ние , (17. по ред) ќе учествуваат 18 земји, кои заедно со Германија, Италија и Велика Британија ќе можат да гласаат во ова полуфинале. Во финалето, на 18 мај, 26 земји ќе настапат, а ќе можат да гласаат сите 41. (Л.С.)