(Видео) Ова е најскапиот руски автомобил – тежи 2,8 тони, а 100 км. на час достигнува за 6 секунди
Целото планирано годишно производство на луксузната лимузина Aurus Senate се распродаде за само неколку дена
Моделот „Сенат“ на рускиот производител „Аурус“ – кој пред неколку години ја претстави претседателската лимузина на Путин – неодамна беше понуден во редовна продажба на пазарот, откако извесно време беше достапен само за државните власти.
Во почетокот на октомври, првите примероци пристигнаа во изложбениот салон во Москва за да им бидат понудени на купувачите. Сепак, по само неколку дена, „Аурус“ објави дека се продадени сите 350 примероци што ќе бидат произведени оваа година,, пренесува B92.net.
Овој руски луксузен седан, сличен на моделите на Ролс-Ројс, чини речиси 300.000 евра, а богатите Руси очигледно не жалат пари за автомобил сличен на оној во кој се вози Владимир Путин, па затоа не е изненадувачки што тие ја сакаат само врвната верзија.
„Аурус Сенат“ е долг 5,6 метри, користи хибриден систем со моќен 4,4 V8 мотор од 590 КС и 800 њутнметри.
Тоа е доволно за овој патнички крстосувач од 2,8 тони да достигне 100 километри на час за околу 6 секунди, додека максималната брзина е фабрички ограничена на 250 километри на час.
Производителот најави дека верзија V12 ќе биде достапна во наредниот период, а покрај седан, „Аурус“ на пазарот ќе понуди и луксузен теренец и миниван.