(Видео) Голем пожар кај Струмица, ветрот го шири неконтролирано во повеќе правци, загрозени куќи во селото Баница

Голем пожар на отворено беснее кај Струмица на потегот од месноста Софилар, градските гробишта и селото Баница, каде се загрозени куќи. Сите пожарникари на ТППЕ Струмица се на терен и се обидуваат да ја скротат огнената стихија која неконтролирано се шири во повеќе правци.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот почнал да се шири и кон патот Струмица-Радовиш, во правец на селото Василево.
-Ангажирани се сите капацитети на ТППЕ Струмица, а на помош се повикани и пожарникари од блиските градови, кои пристигнаа и се вклучија во гаснењето. Пожарот е многу голем и преземаме се што е во наша моќ да не дозволиме уште повеќе да се шири, но засега силниот ветар ни ја отежнува работата, кусо изјави за МИА, Гудев.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој и самиот се вклучи во гаснењето, пред малку информираше дека пожарот е локализиран на струмичка страна и повеќе нема опасност за куќите во селото Баница.
-Благодарност до екипата на ТППЕ и секој струмички пожарникар и до сите кои се вклучија во гаснењето. Пред неколку недели реков дека ги знаеме и дека ги гониме оние кои подметнуваат пожари. Лично ќе се заложам до крај сите да одговараат, објави на неговиот фејсбук профил.
Инаку, неофицијално пожарот избувнал на повеќе места одеднаш.